Модниот свет изненаден: Кристофер Бејли го напушта „Барбери“

2 ноември 2017

Додека Холивуд се бранува од предаторските приказни и афери, модниот свет се разбранува поради најновата информација, дека Кристофер Бејли го напушта „Барбери“.

Дизајнерот кој 17 години ја водеше креативата на брендот и му даде нов живот, сега си заминува од него.

Всушност, официјалното напуштање ќе се случи во март следната година.

„Од 2001 година до сега, „Барбери“ помина низ неверојатни трасфромации, а Кристофер беше клучната личност во тој процес, која му донесе успех на брендот. Имаме јасна визија за следното поглавје на брендот, со кое ќе го забрзаме растот на продажбата и успехот. Возбуден сум за можноста со која се соочуваат нашите тимови, партнери и акционери“, вели Марко Гобети, извршниот директор на модната куќа, во соопштението за јавност.

Бејли потврдува дека работењето во британската модна куќа било задоволство.

„Беше привилегија 17 години да се биде дел од „Барбери“ и да се работи и учи од неверојатна група на луѓе. Со возбуда ги чекам новите креативни проекти, но се радувам на идниот успех на овој голем и значаен бренд“, истакна дизајнерот.

На каде ќе се насочат неговите нови професионални чекори, како и кој ќе го наследи неговото место за сега не е познато, но е секако нешто што модната индустрија ќе го следи будно и во континутитет.

За потсетување, во јуни минатата година се појавија гласини за лошата состојба на куќата, како и тоа дека Бејли ја губи контролата над брендот. Колку таа криза е виновна за ваквиот развој на нештата, останува да видиме, а за кризата во „Барбери“ можете да прочитате ТУКА.

Објавено:
2 ноември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
228 пати