Модното „лудило“ стартува во Њујорк!

9 септември 2015

Денешната дата во календарот на модните фанатици е заокружена како старт на модното „лудило" кое почнува во Њујорк, ќе продолжи во Лондон и Милано, а ќе заврши во Париз.

Да, модните недели во четирите светски модни метрополи ќе бидат главната преокупација на модниот свет месецов, а ќе најават што ќе биде актуелно за сезоната пролет-лето 2016.

Модни шоуа, стилска улична писта, забави, модни блогери, трка на дизајнерски идеи, најактулените ликови во првите редови... се секогаш дел од агендата на модните недели, па нема да бидат исклучок и од онаа што не очекува во наредните неколку денови.

Новост на актуелната Модна недела во Њујорк е промена на локацијата каде ќе се одржуваат модните ревии. Уште крајот на минатата година беше најавено дека Линколн центарот ќе се замени со две нови локации, Skylight Moynihan Station и Skylight Clarkson Sq. лоциран на западната страна на престижниот Soho на Менхетн.

Едно од најголемите изненадувања оваа година ќе биде ревијата на Живанши. Се претпоставува дека Рикардо Тиши ќе го одржи најмасовното шоу оваа година со оглед на тоа дека ревијата е од отворен карактер, односно во јавноста се пуштени 820 отворени покани, што ќе значи дека севкупно неговата ревија ќе ја погледнат околу 1200 посетители.

Фамата што годинава ја крена Кејтлин Џенер во однос на прашањето за трансродовите луѓе, ја отвори и темата за трансродовите модели кои стануваат се поприсутни во модната индустрија. Како што пренесува Vogue, муабетите во потесните модни кругови се дека годинава почесто ќе ги гледаме таквите модели на писта, но и во првите редови на модните ревии. Се очекува Кејтлин Џенер, да биде една од главните ѕвезди кои можеби ќе го „украдат" шоуто на дизајнерите.

Марк Џејкобс, Џејсон Ву, Александар Ванг, Живанши, Бетси Џонсон, Викторија Бекам, Каролина Херера, Томи Хилфигер, Зак Посен, Џереми Скот, Вера Ванг, Родарте, Оскар де ла Рента, Мајкл Корс, Ралф Лорен, се само дел од имињата во годинешниов ревијален распоред на NYFW за кои Fashionel тековно ќе ве известува.

 

Објавено:
9 септември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
834 пати