Моминска вечер: Незаборавна забава или голем трошок?

12 јуни 2015

Последниве години прославата на моминска вечер, или како што викаат во соседството „девојачко вече“, а ние бргу си го присвоивме во разговорниот јазик, како да доживеа огромна популарност.

За таа цел другарките што ќе ги повика невестата и секако, старосватицата, треба да организираат незаборавна вечер за неа. Во превод, треба да си поминат, како да им е последно излегување во животот, нешто што невестата ќе го памети до крајот на животот. Колку е тоа така, си знаат невестите...И овие другиве, ама работата е кој сака да ја каже вистината.

Нејсе, од нигде-никаде, почнавме да применуваме странски трендови. Сите другарки се облекуваат слично, имаат испринтани маички со некој симболичен натпис, или имаат некаков моден додаток, украс, а идната невеста е традиционално во бело „обележана“.

Исто така, од другарките на чело со старосватицата, „се очекува“ да ѝ купат подарок на невестата. Најчесто тоа е клише-подарок, долна облека. Другарките треба да се погрижат и околу модните додатоци (венчиња, велови, шноли, кој што си одбрал), за јадењето и пиењето за цело друштво, да се „подмири“ сметката на невестата, плус за декорација, а по можност и трошоците доколку се оди на уште едно место.

Листата е долга, но неретко и сумата што се дава е голема. Во зависност од тоа колку бројно е друштвото, сумите се движат од 200-300 денари, па сè до 1000 денари, а и повеќе, ако на пример одлучите да одите надвор од градот или да изнајмите луксузен простор. Некој би помислил, ако за моминска вечер треба да дадеме толку пари, колку треба да дадеме тогаш за свадба? Но, тоа може да биде и сосема друга тема.

Во неврзан разговор со мајка ми дома, а по повод „девојачките“ вечери, таа беше изненадена од тоа како времињата се менуваат, а со тоа и трендовите.

Имено, кога таа се мажела, пред повеќе од 30 години, моминската вечер не била ни блиску на ова денес. Првин, невестата е таа што ги чести другарките. И тоа најблиските.  Најчесто се правела забава во домашна атмосфера, каде другарките, па и другарите се потсетувале на настаните од животот на идната невеста како девојка. Секоја од другарките обично носела по нешто месено – благо или солено, имало музика, пеење, смеење и добро јадење.

Во некои држави китењето венец или довршувањето на други украси за свадба со најблиските другарки претставувало моминска вечер.  Откако ќе заминат сите, кај идната невеста останувале двете најблиски другарки, со неа да ја поминат последната ноќ како девојка. Освен поддршка и радост, се верувало дека тие треба да ја чуваат за да не избега за некое друго момче или да се предомисли.

Денеска, во некои држави на овој ден, женската сексуалност интензивно се изразува во јавност. Поентата во моминската вечер не е веќе во чистотата и невиноста на девојката, туку сè повеќе во тоа дека и таа може да се забавува на ист начин како и мажот. Токму затоа, во некои земји, големото количество алкохол и машки стриптиз се императив за оваа вечер.

Од кого сме го презеле новиот тренд на прославување моминска вечер, не е точно познато. Шпанците, Германците и Американците го прославуваат на многу сличен начин. Шпанците дури прават и маскембал. Според некои податоци, првата моминска вечер била во 17-тиот век, кога девојките ги гледале работите од кои е сочинет миразот. Момчињата пак, почнале да ја прославуваат последната вечер од ергенскиот живот уште во времето на Хенри VIII. Всушност тоа била наредба, која морала да се почитува. Оној што ќе одбиел, ќе бил казнет. Првите момински забави во Америка пак, се организирале во 1897 година.

Но, она што останува на крајот како главно прашање е, дали новиот начин е навистина развивање на креативноста и различни можности или само поголем трошок? Дали идната невеста навистина може да се види со другарките и да се забавува во кафеана или диско? Што е целта на „новата“ моминска вечер?

Не сум против обичаите, ниту новитетите, но не сметам дека сè што доаѓа од странство, значи дека е добро. Не мора сè да биде клише и веќе видено. Најубавата моминска вечер е онаа каква што невестата ја замислува, или пак онаа во која нејзините најблиски другарки ќе ѝ покажат колку навистина ја сакаат, се радуваат за неа и ја познаваат. Онаа во која ќе се потсетат на сите заеднички моменти поминати заедно и ќе наздрават и за сите други што допрва следат во новото поглавје од нејзиниот живот! Онаа оригиналната, за која не секогаш ви требаат многу пари, бидејќи не сите можат да си дозволат ист трошок. А долната облека, во која нејзиниот иден сопруг ја видел веројатно илјада пати, (и ја соблекол) е најдосадниот подарок што може да се смисли. Заедно со тортите и колачи со полови органи. Секако, доколку тоа не е желба на невестата.

Објавено:
12 јуни 2015
Категорија: 
Колумни