МРТ за Најдобрите: Потврда за општо цивилизациски принципи и вредности

17 февруари 2014

Македонскиот јавен сервис оваа година за прв пат јавно ги промовираше македонските вредности со заложба за континуирано следење на истите и воспоставување на манифестација со трајни вредности. Вчеравечер МРТВ со свечена манифестација во новиот објект на Македонскиот народен театар додели признанија за најуспешните 19 во различни категории.

Целта на проектот „МРТ за најдобрите“ е промовирање на национална репрезентативна улога во откривање, следење, проучување, истражување и презентирање на националните вредности и достигнувања. Проектот претставува своевиден омаж на 70 години постоење на Македонското радио и 50 години постоење на Македонската телевизија.

„Јавниот сервис, МРТ има задача да креира вкус и да наметне приоритети и критериуми, параметри, норми при создавање брендови и настани од национален интерес. МРТ го заштитува и она што консументот го бара, создава база за реална и здрава конкурентска битка, од големиот број настани и збиднувања да се одберат вистинските, оние кои по стручна проценка и совест имаат вредност да ја понесат титулата ‘Најдобар’“, изјави Мери Попова, уредник на забавната програма на МТВ.

Низ црвениот килим пред почетокот на манифестацијата продефилираа голем број на познати, јавни личности од различни сфери на македонското секојдневие. Оваа манифестација иако ревијална, успеа да наметне една култура на модно изразување што присутните во целост го испочитуваа.

 

На црвениот килим можеа да се видат прекрасни тоалети кај жените и одлични костуми кај мажите, кои се повеќе ги фаворизираат пеперутка вратоврските. Што се однесува до шминката и фризурите, припадничките на понежниот пол навистина имаа елегантни и оригинални визии.

Во сосема необично, сексапилно издание се појави и младата пејачката Тамара Тодевска која дома си замина со признанието за поп – хит на годината за песната „Готово е“. Пејачката очигледно сакала што повеќе да ја истакне театралноста и да соодветствува со амбиентот на театарот, па се одлучила за сценска и несекојдневна „златна“ фризура.

Подеднакво прекрасна беше и Каролина Гочева, која ни приреди мала увертира за нејзините концерти овој месец, со нејзината нова песна „Две лири“. Таа беше облечена во духот на стилот што го наметнува нејзиниот актуелен албум „Македонско девојче“, ставајќи акцент на малиот црн фустан и шапките.

За вистински поздрав беше и модата што на сцената ни ја прикажаа презентерите и водители од МРТ кои достојно одговорија на модниот предизвик што го постави самата манифестација, доделувајќи им ги наградите на најдобрите.

Уредничката на образовната програма на МРТ, Анета Андонова на самиот крај на настанот посочи дека се задоволни од целиот настан, но и дека секогаш може подобро.

„Идејата ни беше ова да биде една елегантна, отмена манифестација како што и му прилега на еден јавен сервис кој ја има основната функција да образува , да информира и да забавува. Јас навистина се надевам дека овој настан ќе стане традиција и по 100 години уште ќе се оддржува и ќе бидат прикажувани снимки на кои ние ќе изгледаме сосема ретро. Секогаш може подобро, ние мааните ги знаевме и претходно, бидејќи имавме неколку генерални проби и уште пред да почне директниот пренос знаевме што би направиле за следната сезона и сигурно дека ќе се поправиме. Искрено, што се однесува до дрес кодот на настанов и за самиов театар, вечерва немав многу можност да скенирам, но мислам дека се наметна една традиција да се знае кога, како, каде се оди. Мислам дека во глобала, дефинитивно почна да се почитува дрес кодот за вакви настани“, вели Анета за fashionel.mk.

Водителите од емисијата „Стисни плеј“ на МТВ, Марко Марк и Александра Јовановска изгледаа мошне грациозно кога на сцената и ја доделија наградата на Тамара Тодевска за поп – хит на годината.

„Мислам дека генерално вечерва беа опфатени најважните настани, секако уметници, ликови од најразлични јавни професии и области и се надевам дека ова што вечерва се случи ќе биде доволен стимул за тоа што ќе се случува во иднина. Мислам дека овие 19 категории следната година ќе бидат 30“, вели Марко за fashionel.mk.

Меѓу машките презентери, одличен беше и актерот Васил Зафирчев кој изгледаше беспрекорно и сосема соодветно за пригодата, кој веќе две години е надворешен соработник на националниот сервис.

„ Вечерашнава манифестација и доликува и прилега на МРТВ и се радувам што од вечерва ќе прерасне во една убава традиција што секоја година ќе ги наградува најуспешните и најдобрите во повеќе категории. Публиката се воспитува и во однос на еден вид нова културно и социјална традиција која ја подразбираат овој тип на културно - уметнички настани. Овие градби што сега ги добивме тоа и го бараат и го инсистираат како што е секаде во Европа и во светот. Сосема е логично тоа да подразбира и соодветен дрес код и јас дури сум еден од поборниците тоа да го пишува и на билетите и програмчињата кои што публиката ќе ги добива со секој купен билет за да знае како треба да дојде облечена и како треба да се однесува во една ваква институција и за време на еден културно уметнички настан“, вели Зафирчев.

За дестинација на годината, според МРТ беше избран Дојран, како место со најмногу посети претходната година. Градоначалникот на Дојран Борче Стамов во изјавата за fashionel.mk за следната година вети многу нови туристички предизвици за посетителите.

„ Наградата пред сѐ ја сфаќам како почит за целокупната работа што досега ја имаме направено. Во целата работа беше вложен многу труд, многу работа и многу ентузијазам. Наградата е поттик за нас, за повеќе да се трудиме во иднина. Имаме подготвена програма за Дојран, она што досега е направено е многу малку, но сепак доволно за да се размрдаат работите, односно за Дојран повеќе да не е она што се мислеше порано – заборавено место на јужното ќоше. Полека се менуваат работите, го менуваме имиџот на Дојран и тоа станува едно од најинтересните места во Македонија. За следната сезона, од поглед на туристичката содржина, веќе на големо ја подготвуваме плажата долга 600 метри во Стар Дојран, а за годинава имаме планирано и многу други проекти“, открива градоначалникот Стамов.

Наградата за подвиг на годината сосема оправдано отиде во рацете на младата алпинистка Илина Арсова која е правата Македонка која се искачи на Монт Еверест.

„Искачувањето на Монт Еверест дефинитивно беше еден од моите животни предизвици, но тоа секако не е крај, има уште 13 врвови над 8.000 метри, некои од нив се многу потешки од Монт Еверест. Покрај предизвиците на професионално поле, имам и на ликовно поле, бидејќи јас сум и ликовен уметник. Предизвици има постојано и треба да цениме малку повисоко од она што можеме да го направиме за да бидеме задоволни со тоа што ќе го постигнеме. Вечерва сум многу среќна за наградата што ми ја додели МТВ и искрено, од срце и благодарам на МРТ што го овековечи мојот подвиг вечерва на овој прекрасен, јубилеен настан“, вели Илина за fashionel.mk.

Убаво е да си дома, а да се чувствуваш светски, беа зборовите со кои Симон Трпчевски ја прими наградата за уметник на годината.

„Сигурно дека домашните награди имаат посебна димензија, затоа што доаѓаат од своите луѓе и тоа е признание за она што човек го постигнува. Мило ми е што на еден убав и софистициран начин МРТВ вечерва се претстави со вкус и со стил за целата манифестација. Вечерва и не случајно беше изјавата дека убаво е да си дома, а да се чувствуваш светски, заради тоа што вкусот во животот е исклучително важна работа и многу ми е мило што особено во последниве години МРТВ покажува дека придава исклучително големо внимание на идеите, иновациите и на вкусот во работата и мислам дека тоа е евидентно и дека луѓето го чувствуваат, а мене ми е многу мило што јас сум дел од сето тоа што се случува дома“, изјави пијанистот за fashionel.

На манифестацијата беа присутни и голем број гости од политичкиот врв на Македонија, а меѓу нив и според многумина, најзаслужаната, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

„Наградата сметам дека им припаѓа на сите граѓани на нашата држава и на сите уметници бидејќи благодарение на нивната поддршка во овој изминат период успеавме сите заеднички да го изградиме овој нов објект на МНТ, една значајна инвестиција во областа на културата која што верувам дека ќе даде можност нашите уметници да имаат подобри услови на работа, да творат, да создаваат дела, со кои дела се разбира како граѓани ќе успееме да се промовираме не само во регионот туку и на меѓународен и светски план“, изјави првата жена на културата во Македонија, изразувајќи голема благодарност за силната поддршка на јавниот сервис.

Покрај овие награди, вчеравечер МРТ додели и награда за најдобар фестивал на Скопскиот, најдобра претстава за „Вечната куќа“, менаџер на годината за Живко Мукаетов, спортски успех за Перо Антиќ и уште неколку други.

Објавено:
17 февруари 2014
Категорија: 
Актуел