Олимписките игри во Рио и официјално започнаа со спектакуларното отворање вчеравечер на стадионот Маракана.

Церемонијата ја следеа десетици илјади луѓе на стадионот, а речиси три милијарди ширум светот во живо преку ТВ  каналите.

На отворањето најголем впечаток годинава оставија прекрасните модели Алесандра Амбросио која го носеше факелот низ нејзиниот роден град и единствената Жизел Бундшен која ја прошета најдолгата писта во светот во ритамот на песната „The girl from Ipanema“.

Социјалните мрежи беа преплавени со објави за згодниот Pita Nikolas Taufatofua, Олимпиец во таеквондо кој ги бранеше боите на Тонга, родната земја на неговиот татко.

Тој се појави заедно со тимот на Тонга, носејќи го знамето облечен во традиционална облека и целосно намачкан со масло со што дополнително го истакна неговото згодно тело.

И покрај бројните негативни коментари дека имало многу празни места на стадионот и дека ова е една од најздодевните церемонии во историјата на Олимписките игри, никако не смее да се занемари фактот дека Бразилците навистина се потрудиле.

Имено, стадионот изгледаше навистина неверојатно додека се случуваа сите настани закажани за отворањето, меѓу кои и мини карневалска парада, одлични акробации, музички настапи, светлосни игри, палењето на Олимпискиот оган, претставувањето на тимовите од сите земји и пораките за страшните климатски промени што се случуваат.

Она што остави голем впечаток беа некои од најголемите спортски ѕвезди на денешницата кои го претставија тимот на родните земји, меѓу кои и Рафаел Надал од Шпанија, Енди Мареј од Британија и Мајкл Фелпс од Америка.

Тие предизвикаа вистинско воодушевување и овации од публиката која дополнително ја „разгоре“ атмосферата кога тие се прошетаа по пистата.

Подеднакво воодушевување и најтопло добредојде се чини беше упатено кон „тимот бегалци атлетичари“ кои пратија навистина значајна порака и огромна надеж до милионите бегалци ширум светот.

Официјалниот Олимписки оган го запали бразилскиот маратонец Вандерлеј Кордеиро де Лима, иако првично беше најавено дека тоа ќе го направи фудбалската икона Пеле, кој морал да го откаже појавувањето поради лошото здравје.

Додека внатре се случуваше вистинска церемонија, пред стадионот протестираа стотици граѓани кои не се согласуваат со огромната сума на пари потрошени за Олимписките игри, кога во Рио владее сериозна економска криза.

Во исчекување на фантастичните спортски настани во рамки на Олимписките игри во Рио, погледнете дел од атмосферата на спектакуларното отворање.

Објавено:
6 август 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.321 пати