Накитот на Глигор Кузмановски ги освои обожавателите на неконвенционалноста

22 октомври 2014

Видно возбуден поради својата прва самостојна изложба, дизајнерот на накит Глигор Кузмановски вчеравечер во кафулето „Концепт 37“ ги собра сите позитивни коментари од присутните за  изложените аксесоари претставени под името  „Дрвени приказни“. Дизајнерските приказни на Кузмановски почнуваат сосема поразлично од сите останати, едноставни а толку многу суштински инспирирани од секојдневието.

 

Префинетиот минимализам од изработката како главен елемент го вклучува дрвото во комбинација со алуминиум, боја и стакло. Освен ѓерданите, алките, обетките и прстените, можевме да видиме и оригинални украсни додатоци за во домот кои повторно ја следат посветеноста од изработката, техниката, изборот на материјал како и инспирацијата. Во врска со омнибусот кој ни го претстави, Глигор изјави дека е и повеќе од задоволен од реакциите на посетителите на изложбата, како и тоа дека истата е дополнителен стилмул да продолжи во истото темпо.

-Сите парчиња кои се изложени претставуваат одраз на она што сум јас и тоа што сум го преживеал. После четири години работа дојде ред да презентирам самостојно, кругот на луѓе се зголеми, а со тоа и нивниот поттик од исчекувањето на нови парчиња. Јас преку дизајнот ги раскажувам своите приказни, а тој што ќе успее да се пронајде во истиот  верувам ќе посака да го поседува. Секој еден модел ми претставува предизвик за изработка и немам особена наклонетост кон одредени парчиња, токму поради тоа со еднаква љубов го создавам се она што имате можност да го погледнете на изложбата. Верувам дека истите позитивни реакции ќе ги имаат и посетителите од следното изложување на истата поставка, изјавува Глигор  за Fashionel.

Инаку истоимената изложба „Дрвени Приказни“ наскоро патува за Валенсија каде ќе биде презентирана во рамките на мултимедијалниот простор Le petit Canibaal. Доколку вчеравечер немавте можност да ја погледнете уникатната и оригинална колекција на талентираниот дизајнер, истата погледнете ја во продолжение, а веруваме дека и оние што се доследни на комерцијалното ќе посакаат да носат на себе поинаков и накит со приказна.

Објавено:
22 октомври 2014
Категорија: 
Актуел