Направена е вратоврска од пајакова свила

13 март 2017

Компанијата „Болт тредс“ (Bolt Threads) го претстави својот прв производ од пајакова свила. Се работи за лимитирана колекција вратоврски, чија цена изнесува 314 долари.

Овој моден додаток е резултат од седумгодишното истражување на тим од десетина научници, инженери, техничари и дизајнери.

Свилата која ја произведува пајакот, е два до три пати посилна од кевлар, материјалот од кој се произведуваат панцири.

Инаку, компанијата е основана во 2009 година, а сопствениците Ден Видмајер, Дејдид Бреслејер и Итан Мирски сватија дека постои пат до пајакова свила и без пајак, па одлучија тоа да го развијат.

И тоа како?

Компанијата го комбинира генетски модифицираниот квасец, вода и шеќер и преку ферментација го претвора во сирова свила – истиот процес кој шеќерот го претвора во алкохол при производството на пиво. Добиениот производ поминува низ машина која го претвора во влакна која се вткаени во ткаенината.

„Сакавме да прикажеме сосема нов начин во производство на текстил, кој има речиси неограничен потенцијал за иновации и производство на одржлив производ“, се вели во соопштението на компанијата.

Колекцијата содржи само 50 вратоврски, што можат да се купат на страната на компанијата од 11 до 14-ти март. 

 

Објавено:
13 март 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
119 пати