Наша дизајнерка во трката за Најталент на МУУСЕ и ВОГ

20 август 2013

Elena

Младата дизајнерка Елена Спасовска е дел од учесниците за потрага по нов талент, натпревар  организиран од МУУСЕ - светски позната платформа за развој, продукција и дистрибуиција на младите таленти и италијанското издание на светски познатиот моден магазин ВОГ. Натпреварот се одвива во две фази, а можат да учествуваат дизајнери од целиот свет.

-Првата фаза од натпреварот е преку гласењето од публиката. Од пријавените 500, првите 50 со најмногу гласови влегуваат во полуфинале и ќе бидат претставени преку жири комисијата. Член на ова жири е уредникот на Vogue Talents, Sara Maino. Всушност, жирито ќе ги одбере најдобрите 10 дизајнери од кои на крајот ќе се избере победникот - објаснува Елена.

Таа учествува со пет креации од нејзината последна колекција, „Стариот свет“, со која се претстави на минатиот „Моден викенд“ во Скопје и Asembly фестивалот во Австрија.

-Секој дизајнер има право да учествува со пет свои креации. Жирито при својата одлука, ќе оценува иновација во дизајнот, во однос на дизајнот на формата или материјалот - вели дизајнерката.

Главната награда е продукција и продажба на најдобриот дизајнер и негова промоција во Вог. Гласањето трае до 26-ти август, до 12 часот, а може да се направи преку социјалните мрежи Твитер и Фејсбук.

-На крајот на  гласањето, еден од гласачите исто така ќе биде награден и тоа со подарок од минатогодишниот победник или ваучер од 500 евра - потенцира Елена.

 

Објавено:
20 август 2013
Категорија: 
Актуел