(Не) мистериозна најава на „Живанши“ на новото заштитно лице

14 мај 2019

Модната куќа „Живанши“ викендов го сврте вниманието кон себе. Имено, на социјалните мрежи пуштија најава со која ги натераа обожавателите да погодуваат кое е новото заштитно лице на брендот. Најавата и не беше нешто посебно мистериозна, бидејќи беше многу воочливо дека се работи за Аријана Гранде.

„Со голема возбуда соопштуваме дека новото лице на Живанши е силна, независна жена, со свеж карактер и стил: мултиталентираната Аријана Гранде. Модерна муза и глас на една генерација, Аријана е една од највлијателните сили во поп-културата денес. Таа е добитник на Греми, автор на песни и пејачка и таа ја отелотворува Живанши жената со дрскост, великодушност и молскавична духовитост - сите под превезот на мистеријата“, се вели во соопштението.

Воодушевувањето за соработката не го криеше ниту пејачката:

„Тоа е куќа на која отсекогаш ѝ се восхитував и тоа што сега сум дел од тоа семејство е голема чест. Ја сакам оваа облека и самодовербата и радоста што ја носи на луѓето што ја носат. Не е само облеката безвременска и убава, туку и горда сум што работам со бренд кој прави луѓето да се чувствуваат убаво поради тоа што се, без извинување за тоа што сакаат да бидат“, вели Гранде. 

Она што предизвика внимание беше и тоа што пејачката беше облечена како Одри Хепберн. Околу изборот на модната куќа се појавија разни коментари, од тие дека е одличен, до оние кои велат дека Аријана воопшто не ја осликува куќата.

Објавено:
14 мај 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
343 пати