Не сум прва, а ни дама - јас сум Брижит Макрон!

18 август 2017

Ова веројатно е еден од најпренесуваните цитати денеска во светските медиуми. Брижит Макрон го даде првото интервју откако нејзиниот сопруг беше избран за претседател на Франција, а одбра тоа да биде француското издание на магазинот „Ел“.

фото извор: vogue.com

Во него зборува за разликата во години и љубовта со Емануел, но и за тоа како ја замислува својата функција во наредниот период.

-Како и сите пред мене, ќе ја преземам својата јавна улога, но Французите ќе знаат со што сè располагам. Своите состаноци и обврски ќе ги поставам на официјалната страна на претседателот, така што јавноста ќе знае точно што правам. Важно е на сите да им е сè јасно – вели 64-годишната Макрон за магазинот.

Инаку, изминатиов период во француската јавност се крена прашина околу промената на нејзиниот статус. Беше покрената петиција во која се бара сопругата на претседателот да има службена титула, канцеларија со повеќе вработени, како и сопствена сметка, а истата ја потпишаа повеќе од 300.000 луѓе во период од 20-тина дена.

 

Во интервјуто посебно истакна дека не ѝ се допаѓа изразот „Прва дама“

-Тоа е прилагодување од американскиот израз, но мене не ми се допаѓа. Не се чувствувам како прва дама. Не сум ни прва, а ни дама. Јас сум Брижит Макрон. Кога ќе го слушнам тој израз до моето име, се прашувам: „За кого зборуваме?“ – порачува Брижит.

За потсетување, по инаугурацијата, Емануел Макрон ја именуваше екипата која доби задача да го пронајде најдобриот начин како Брижит да добие службен статус на прва дама и сè што оди со таа функција. Но, сега, француската влада објави дека се откажува од таквиот предлог и дека ќе се презентира транспарентно соопштение во кое ќе се разјасни позицијата на сопругата на претседателот.

фото извор:elle.com

За сега, Брижит има три помошници, две секретарки и двајца вработени како лично обезбедување.

Интервјуто го привлече вниманието и поради отвореноста на темата љубовта со Емануел и разликата во години.

Таа признава дека на почетокот се обидувала да се дистанцира од него и врската.

-Му реков да оди во Париз да се погрижи за својата кариера, бидејќи сметав дека тоа е подобро за него. Во тоа време немаше ништо меѓу нас, но постоеја гласини. Јас единствено бев загрижена за моите деца, но не и за остатокот од светот – вели таа.

фото извор:elle.com

На прашањето, кој е најтешкиот дел од нивната приказна, ќе каже дека тоа е дистанцираноста. Но, честите отсуства ги надокнадувале со интензивна комуникација во пишувана форма и додава:

-Во вакви ситуации децата често страдаат. Знам дека сум ги повредила и тоа е единственото нешто што сама на себе си се лутам. Но, не можев против себе. Постојат моменти во животот кога правите големи одлуки. За мене, тоа беше таа. Повеќе од дваесет години, да, тоа е голема разлика. Се разбира ние наутро се будиме и појадуваме заедно , јас со моите брчки, тој со својата свежина и тоа е така. Да не го направев тој избор, комплетно ќе го пропуштев својот живот – признава Макрон.

Таа додава дека со Емануаел навикнала на разни случувања и секогаш се прашува која ќе биде следната авантура.

фото извор:elle.com

-Кога читам за нас, секогаш имам впечаток дека читам нечија туѓа приказна. Наштата е така едноставна. Единствениот проблем со Емануел е што тој е помлад од мене – вели Брижит.

Во интервјуто што се протега на дури 10 страници, се осврнуваат и на модата. Досега се појави во креации на француски брендови -  „Диор“, „Луј Витон“, „Балман“, „Сен Лоран“... Медиумите во почетокот беа поделени во мислењата околу нејзиниот стил. Некои сметаа дека мини здолништата не ѝ прилегаат, а други сметаа дека е храбра и дека наметнува нови стандарди.

фото извор:elle.com

-Носам фустани и здолништа со должина веднаш над колената, но не мини. Иако, многу сакав да ги носам кога бев помлада. Кога ќе излезевме ги криевме со кесите... Потоа од многу кратки, се „префрливме“ на многу долги здолништа. И тие ги носев додека баба ми не ми кажа: „О, Боже, изгледаш како старомодна баба“. И не ги облеков никогаш повеќе! Инаку, секогаш вложувам во својот изглед и тоа како се претставувам во јавноста. Можете да ги прашате моите деца или студенти. Никогаш не заминувам од дома пред да изберам соодветна комбинација и без да си ја средам косата. Резултатите варираат, но не умеам поинаку – признава Французинката.

Објавено:
18 август 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.458 пати