Необична ревија со шапки за хуманитарна цел

14 септември 2015

Во рамките на четвртото коло на Државното првенство во прескокнување пречки на Р.Македонија, кое се одржа во недела на хиподромот во Радишани, беше организирана необична модна ревија на шапки кои беа продадени во хуманитарни цели.

Во организација на коњичкиот клуб „Дона" , пред околу 150 посетители, се натпреваруваа шест домашни и по еден коњички клуб од Србија и Бугарија во прескокнување на пречки, во категории прескокнување пречки во висина од 80см.за дебитанти, до - висина до 1.20см со растечки потешкотии со џокер. Првите две места ги освоија Дарио Милески и Зоран Шапкалиевски од КК „Дона" а третото место го однесе Гроздановски Дарио од КК „Анималс".

Новина на ова првенство беше несекојдневна модна ревија на шапки од свежо сезонско цвеќе, организирана со поддршка од Моден викенд Скопје. Шапките ги креираше Јагода Пачемска од
студиото „ФА-БУ", која дебитираше на единаесеттото издание на Моден викенд Скопје, со уникатни фустани од свежо цвеќе. За шминката на манекенките од модната агенција „Подиум" се погрижи „Центар за обука Ева".

По завршувањето на натпреварите шапките беа на продажба, а собраните средства се наменети за купување на коњ за хипотерапија и обука за остручување на хипотерапевти со цел да се помогне во рехабилитацијата и ревитализацијата на деца со посебни потреби во Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја".

„Наша основна цел е промоција на коњичкиот спорт во Македонија и желба истот да стане прифатен од граѓаните како прекрасно хоби и уникатен начин на организирање на слободното време преку релаксирачки активности", вели председателот на КК Дона, Влатко Стефановски.



Целта на клубот е и да се афирмира коњичкиот спорт во Македонија, да се даде придонес во развој и едукација на план за одгледување и тренирање расни грла, одржување натпревари со коњи, школа за јавање за деца и возрасни, организирање на манифестации со коњи од забаваен и рекреативен карактер.

 

Објавено:
14 септември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
712 пати