Незаборавните евергрини ги разбудија сите сетила на публиката во МОБ

13 јануари 2015

Македонската опера и балет вечерва беше местото каде фантастичниот спој на генерации имаше можност да ужива во некои од најдобрите евергрини испеани низ времето.

Традиционалниот концерт по повод празникот „Василица“ ја наполни салата на МОБ каде сите присутни ја имаа честа да слушнат фасцинантни изведби на стари македонски евергрини, потоа Swing & Jazz, но и неповторливи Филмски ноти како делови од досега најуспешните концерти.

Како што и се очекуваше, со громогласен аплауз и нескротливо задоволство беа поздравени некои од најдобрите стари македонски песни што оставија особен белег низ годините и кои и денеска се едни од најобожуваните.

Публиката со нескриено задоволство ги поздрави и изведбите на единствените I have nothing на Витни Хјустон испеана од талентираната Нина Јанева, потоа Stop на Сем Браун изведена од македонската дива Каролина Гочева, New York, New York, Bohemian Rhapsody, Girl from Ipanema и уште многу други.

Горан Папаз ја изведува The Girl from Ipanema Горан Папаз ја изведува The Girl from Ipanema

Уметничкиот директор на МОБ Ѓорѓи Цуцковски посочи дека „Василичарскиот концерт“ има традиција подолга од 20 години и го означи истиот како еден престижен културно - уметнички настан во нашата држава.

„Ние како дирекција на операта пред неколку години се обидовме да воведеме алтернативна програма што значи вечерашниов концерт е сублимат на веќе многу успешните Василичарски концерти , македонски Swing & Jazz, евергрини и филмски ноти, така што вечерва на публиката и овозможивме едно несекојдневно уживање во мелодиите на мега – популарни хитови, во изведба на нашиот голем симфониски оркестар, хор, солисти и гости пејачи“, вели Цуцковски.

Ѓорѓи Цуцковски ја изведе My Way на Frank Sinatra Ѓорѓи Цуцковски ја изведе My Way на Frank Sinatra

Во однос на селекцијата на изведувачите, тој посочува дека на концертот честа да настапат ја имаат само најдобрите.

„Ние сме национална установа од највисок ранг и на нашата сцена може да настапи навистина етаблиран високо уметнички квалитетен изведувач што значи дека принципот за избор на гости е секогаш многу внимателен, бидејќи тие пеат во живо, настапуваат со голем оркестар, така што навистина нивните способности мора да бидат на едно високо квалитативно ниво, повисоки од целата наша естрада. Секако дека постои соодветен дрес код и за изведувачите и за публиката, бидејќи нашата институција налага еден дрес код на облекување и однесување. Од аспект на изведувачите морам да истакнам дека секогаш кога натапувате со толку голем оркестар и позади себе имате 120 членови не можете да излезете на сцена како кога пеете на рок свирка така што стилизиран смокинг за мажите, стилизирана тоалета за жените е задолжително, а исто така нашата публика веќе добро знае дека кога се доаѓа во ваква институција, воопшто Опера и балет во светски услови значи место каде што се покажува гламурот и елеганцијата, така што нашата публика од мое секојдневно видување и искуство го знае тоа и го практикува, така што можам да кажам дека сме модерна нација која ги почитува стандардите“, завршува Уметничкиот директор и тенор на Македонската опера и балет.

Помеѓу другите, на концертот настапија и секогаш позитивните сестри Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ кои ја освоија публиката во уникатни креации на модната куќа Елена Лука.

Тамара Тодевска во црвена тоалета на модната куќа Елена Лука Тамара Тодевска во црвена тоалета на модната куќа Елена Лука

На Тијана и припадна честа да ја испее безвременската „Еден бакнеж“ од фантастичната Нина Спирова како една од омилените на македонската публика.

Тијана во креација на Елена Лука Тијана во креација на Елена Лука

„Јас сама ја одбрав песната и веднаш се договоривме со Горѓи Цуцковски, на чија покана сум и дел од спектакуларниот Василичарски концерт. Тој ме контактираше, мене ми одговараше датата и потоа ми понуди пет или шест песни, од кои јас ја одбрав „Еден бакнеж“. Татко ми беше на една од пробите и ми рече дека и бојата на Нина Спирова сум ја симнала, што многу ми значи. Оваа песна не може да се пее, ако не се изведува точно така како што Нина ја има испеано. Македонските евергрини имаат посебно значење за мене, почнувајќи од спектакуларните песни на Драган Ѓаконовски – Шпато со кој што буквално израснав, мајка ми има пеено во вокално инструменталниот состав „Импулси“, така што од мала сум со таа музика и многу сум среќна што сум дел од еден таков момент каде што се пеат моите омилени македонски песни“, изјави Тијана за fashionel.mk.

Таа на сцената се појави во долга, отмена тоалета во темно зелена боја на модната куќа Елена Лука. Истата беше изработена од висококвалитетна свила во комбинација со кожени детали во горниот дел. Прекрасната Тијана фустанот го надополни со нејзината веќе препознатлива насмевка, нежната шминка и урбаната куса фризура.

Вистинска дива во црвено на сцената беше нејзината сестра, Тамара Тодевска која за изведбата на единствената At Last на повеќекратната Греми добитничка Ета Џејмс, одбра долга тоалета од црвен тафт во принцес крој, дело на модната куќа Елена Лука.

„Имав огромна желба да ја изведам оваа песна во придружба на голем и убав оркестар и многу сум среќна што конечно ми се исполни. Имаше листа на песни што беа опции за изведување и песнава всушност не беше мој избор. Ми се јавија и ме прашаа дали сакам да ја пеам и јас нормално реков дека сакам. Најверојатно почувствувале дека најдобро ќе ја изведам и затоа, бидејќи во суштина луѓето кои се во организација, знаат каква песна му одговара на одреден изведувач“, вели Тамара. Таа додава и дека за неа евергрините имаат навистина големо значење, затоа што и таа самата се бори нејзините песни да станат евергрини за некои 20 – тина години отсега.

Дел од спектакуларниот Василичарски концерт беше и Каролина Гочева која ја одбра одличната Stop од Сем Браун како песна со која ја воодушеви публиката. На сцената на МОБ таа се појави во интересна дводелна креација составена од уникатна кошула со додатоци на рамената и долго сиво здолниште со висок струк и копчиња.

„Ми дадоа неколку песни за да одберам и се одлучив за оваа, бидејќи ми се допаѓаше, се сеќавам дека беше хит кога бев јас малечка, така што решив да ги потсетам сите на една убава песна. Вечерва се потсетив на голем број убави песни кои што не сум ги чула можеби петнаесет години и не попусто го носат епитетот – евергрини. Мислам дека е убаво да се потсетиме на тие убави песни кои што го одбележале нашето детство или одреден период од животот“, вели Каролина за fashionel.mk.

Една од малкуте што беа вратени на бис оваа вечер, беше и секогаш харизматичната Нина Јанева која оддржа вистинска лекција по пеење изведувајќи ја I have nothing на Витни Хјустон на начин на кој што само таа може да ја изведе.

„Прв пат во живот ми се случува на ваков голем настан да ме вратат на бис. Дури морам да признаам дека бев збунета и тргнав накај гардероба кога луѓето од организација ми рекоа да се вратам на сцена за уште еден поклон и навистина бев воодушевена. Многу убава публика, со многу убава енергија, буквално да ти е мерак да пееш. Немам омилен евергрин, не можам конкретно да издвојам ниту странски, ниту македонски. Можеби од македонскиве би ја издвоила Нина Спирова, но не можам да се одлучам за една единствена песна. Тука би го споменала и Драган Мијалковски и нормално Славе Димитров“ вели Нина.

Традиционалниот Василичарски концерт под диригентската палка на фасцинантната и секогаш елегантна Бисера Чадловска во придружба на Хорот и оркестарот на МОБ, уште еднаш ги стопли срцата на бројната македонска публика.

Бисера Чадловска Бисера Чадловска

Покрај споменатите, одлични изведби имаа и Марјан Стојановски, Ѓоко Таневски, Наде Талеска која публиката ја врати и на бис, потоа Сара Мејс, Горан Наумовски, Александра Јанева, Дејан Бобиќ - Дексо, Маја Гроздановска - Панчева, Марија Димитријевиќ, Сандра Митровска и Владимир Саздовски, Александар Тарабунов и неповторливата и единствена Весна Ѓиновска - Илкова.

Иако срамежливо, голем дел од публиката без престан ги пееше безвременските македонски евергрини, но и големите филмски и џез хитови од светската музичка сцена.

За сите оние кои не успеаја да бидат дел од вечерашниов концерт, од МОБ ги покануваат на втора, подеднакво топла вечер на самиот ден на Старата нова година.

Џон Илија Апелгрин на фантастичен начин ја отпеа New York, New York Џон Илија Апелгрин на фантастичен начин ја отпеа New York, New York

Ние срдечно ви препорачуваме овој празник да го поминете во друштво на вашиот партнер или пак пријателите, разгалени од неповторливите македонски, филмски и џез евергрини што се вистински мелем за сечија душа!

Објавено:
13 јануари 2015
Категорија: 
Актуел