Промоција на документарниот филм во Лондон

Незапирливата Ајрис

1 август 2015

Ајрис Апфел е едно од омилени имиња во светот на модата. На нејзината енергија и уникатност се восхитуваат луѓе од различни генерации. И покрај тоа што следниот месец ќе наполни 94 години, таа е незапирлива.

Постојано е активна, а деновиве е ангажирана околу промовирање на документарниот филм за нејзиниот живот со едноставен наслов „Ајрис“ (Ирис). Тоа беше и причината поради која одлучи да организира вечерa во еден лондонски ресторан.

Бројни луѓе од модниот свет, меѓу кои и Риксанда Илинчиќ, Сузи Менкес, Џек Гинис, Шарлот Делал, дојдоа да ѝ укажат чест на секогаш интересната Ајрис, да ја погледнат проекцијата, а воедно и да продискутираат на неколку теми што ја засегаат модната индустрија.

Една од нив беше и влијанието на социјалните мрежи, за што Апфел има сосема јасен став.

-Социјалните мрежи содржат ужасно високо ниво на нарцизам. Не ме интересира што сте ручале! – рече модната икона, облечена во портокалов капут и многу накит, што е еден од нејзините заштитни знаци.

-Да се биде добро облечен е прекрасно работа, но не треба да биде закана по живот. Модните медиуми не прават многу за да ги смират главите на луѓето. Секогаш постои листа на 10 нешта што морате да ги имате и 10 нешта што се „аут“.  Облекувањето е мојата најмала грижа. Стилот морате да го имате во ДНК, а ако го имате, тогаш само треба да го негувате.

Инаку, зад документарниот филм се потпишува Алберт Мајселс. Преку него, гледачите ќе имаат можност за момент да ѕирнат во приватниот живот на Апфел, прошетката по африканскиот пазар во Њујорк со нејзиниот сопруг Карл, кој инаку ќе полни 105 години, посветеноста на модата, средбите со дизајнерите...

За потсетување, Ајрис својата кариера ја почнува во 40-тите како новинарка на Women’s Wear Daily, еден од најваторитативните модни весници, а во текот на кариерата се занимаваше со дизајн на накит и со уредување на ентериери. Така, таа со сопругот, го декорираше просторот во Белата куќа за девет претседатели, а заедно ја основаа и текстилната компанија Old World Weavers.

Објавено:
1 август 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
731 пати