Нов бран креативност за старт на Месецот на Франкофонијата

1 март 2018

Во Францускиот институт вчеравечер се одржа изложбата на студентите од Институот за дизајн и инеженеринг на облека при Технолошко-металуршки факултет, насловена „Новиот бран“. Со неа всушност се најави и отвори месецот на Франкофонијата.

Меѓу бројните присутни беше и амбасадорот на Република Франција, Неговата екселенција Кристиан Тимоние. Секогаш расположен и  непосреден, тој го изрази задоволството што токму со оваа изложба ќе започне месецот на Франкофонијата.

-Новиот бран е период кој ѝ се спротиставува на традицијата, а е особено изразен во кинематографијата и начинот на кој се снимаа филмовите. Тоа е период кога фустаните на жените стануваат пократки, а мажите носат одела, но сето тоа врзано со нишката на елеганцијата. „Новиот бран“ е побуна против минатото и отворање кон новите начини на живот, а со тоа и кон новиот начин на облекување и дотерување. Затоа, сметав дека ова ќе биде одлична тема и инспирација за идните дизајнери на Технолошко-металуршкиот факултет. Тие создадоа прекрасни креации, кои одлично функционираат и во денешницата – посочи Тимоние.

Инаку, „Новиот бран“ е движење во француската кинематографија кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, преку кое францускиот филм се отвора за еден поинаков начин на снимање филмови. Преку желбата да се транформира филмот, всушност се реализира и желбата за промена на опшеството.

Кристиан Тимоние воедно назначи дека со оваа изложба почнува и одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Франција и Македонија. Соработката со ТМФ пак, е доказ дека таа релација одлично функционира.

За потсетување, лани во јуни, на завршната ревија на студентите по дизајн и инженеринг на облека, беа доделени три наградни патувања во Париз за најдобрите студенти.

-Веруваме дека оваа соработка ќе продолжи. Во текот на оваа година ќе бидат доделени уште три наградни патувања, а искрено се надеваме дека студентите ќе имаат можност наскоро да посетуваат и курсеви по француски јазик – објасни Неговата екселенција.

На присутните им се обрати и професорката Лидија Георгиева.

-Ова е мошне инспиративна тема. Она што сакам да посочам е дека во денешниот свет на технологии и механизација, овие генерации не можат да почувствуваат на вистински начин што значи тоа „бран“, како што можеа оние од 50-тите, 60-тите, 70-тите, па дури и 80-тите. Ова е еден од начините, преку креација да истражуваат и да го сфатат значењето на еден правец што остави последици, позитивни и децении подоцна – посочи Георгиева.

По нејзиното, следеа обраќањата и на трите студентки, Данела Ѓуровска, Доневска Ангела и Христова Христина, кои ја имаа можноста да го видат Париз за време на модната недела и да стекнат различни искуства во Франција.

Нивните впечатоци ги пренесоа на публиката, но и преку изложените креации вечерта.

Во создавањето на целата приказна им помогнаа уште неколку нивни колеги, па вчера видовме вкупно девет креации.

Кај секоја беше забележливо комбинирањето на различни ткаенини (тул, тантела, крзно, сатен, плетенини), како само еден од можностите да се пристапи без ограничувања кон темата. Исто така, дозата на смелост и сексапил во креациите беше претставена и преку кроевите и откриените делови.

Оваа тема ќе има свое продолжение во текот на креативната година на студентите, за што ќе посведочиме на некој од нивните наредни настани. На овој начин всушност, се претстави и овој нов бран на студенти на Институтот за дизајн и инженеринг на облека, најавувајќи го нивното инволвирање на македонската модна сцена.

Објавено:
1 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
608 пати