Новите искуства од бесплатните обуки во „Елена Лука“

28 јуни 2016

Во април годинава, во модната куќа „Елена Лука" започнаа бесплатните обуки во рамки на проектот „Економско зајакнување на млади девојки и жени" спроведен од фондацијата „Елена Лука".

Во рамки на овој проект, врз основа на јавен конкурс, беа избрани  Елена Доленц, Емилија Идриз, Маја Стевческа, Снежана Жајдела и Татјана Николовска, креативни девојки со претприемачки дух на кои Фондацијата „Елена Лука“ им обезбеди бесплатни тримесечни обуки за дизајнери, моделари, рачна работа и шивачи.

“Пред осум години, Елена Лука ја започна својата мисија под мотото „Модерни и хумани", токму со идејата: да се создаваат и остваруваат соништа. Годинава фондацијата започна да функционира како сублимат на долгогодишното искуство и потребата да им се помогне на оние луѓе кои имаат најголема потреба во решавањето на нивните животни и егзистенцијални проблеми. Со овие проекти што ги спроведува фондацијата, ја започнуваме нашата долгорочна мисија, нашето општество да се подобри во секој аспект, секој да ја добие својата шанса, а воедно и да се подигне свеста кај луѓето за општествената одговорност и солидарност. Конкретно со проектот „Економско зајакнување на девојки и жени" преку бесплатни обуки во Елена Лука под менторство на врвни професионалци вработени во модната куќа, им овозможуваме на девојките и жените да го развијат својот талент и претприемачки дух и да стекнат нови вештини кои ќе им помогнат понатаму самостојно да се реализираат на пазарот на трудот ", изјави Елена Пандева, генерален менаџер и сопственичка на модната куќа Елена Лука.

Неодамна, имавме можност да се дружиме со девојките и да видиме како се одвиваат обуките, а секако и да нѐ известат колку се тие задоволни од приемот во модната куќа Елена Лука.

Секоја од нив зборуваше со жар во очите за она што го работи во модната куќа, а најмногу беа задоволни од приемот и можноста да учат од професионалци.

Снежана Жајдела

„Јас сум презадоволна и многу сум благодарна за можноста која ми е дадена да работам со голем број на професионалци од различни области од кои стекнувам искуства. Кога дојдов тука, срдечно ме пречекаа, морам да кажам дека владее една пријатна атмосфера, несебични се во давањето поддршка и знаење. Конкретно јас, работам на везови со мониста и со конец, така што во моментов имам обука за рачна работа. Во нашето семејство и нашиот дом отсекогаш се негувала традицијата, рачната работа, везењето, изработката на накитот, со тоа што имав обука и кај Дана Наумова каде научив да изработувам накит од жица. Отсекогаш кај мене постоел мотив за изработка на нешто што е убаво, креативно и едукативно", вели Снежана Жајдела, која посочи дека овие обуки ќе и користат многу понатаму.

Нејзиното мислење го дели и Елена Доленц кој е на обука за дизајнер, а како што самата ќе посочи, првите впечатоци ѝ се многу позитивни.

Елена Доленц

„Тука ми се отворија нови видици, малку ми се промени начинот на размислување, воведот беше супер, се надевам дека уште ќе учиме и дека и после обуката сами ќе продолжиме бидејќи имаме добри насоки. Јас имав и претходно мало искуство, но она што е најинтересно, е тоа што тука дизајнирам според некој зададен лик и малку ја проучувам и таа психолошка страна на девојката за која креираме и тоа засега ми е најголем предизвик и можеби малку и најтешко", вели Елена.

Таа додава дека со оглед на тоа што се занимава со изработка на накит, најверојатно со тоа и ќе продолжи откако ќе завршат обуките.

„Тоа знаење што ќе го стекнам тука би сакала да го применам понатаму, не се знае што ќе донесе животот. Јас сум отворена и секако, сѐ зависи од можностите и околностите, секако ова е нешто што дефинитивно сакам да го работам", вели Елена.

Тања Николовска

Уште една од девојките од проектот, Тања Николовска, ќе каже дека покрај придобивките од обуката, многу е задоволна и од комуникацијата со останатите девојки со кои супер се спријателиле.

„Учам многу, учам нешто што досега не сум го работела, гледам, се трудам да учам од сите, а научив како да сошијам здолниште и многу други работи. Конкретно, мојата обука е за моделар, и можам да кажам дека досега многу сум задоволна и многу ми е интересно. Почнав да учам како да земам мерки, потоа учев како да изработам здолниште и финалното, изработив здолниште по мои мерки. По обуката, би сакала да продолжам со ова и да отворам некогаш и моја продавница дали за накит или за нешто друго, во оваа област секако, и да биде нешто креативно", вели Николовска.

Една од девојките, Емилија Идриз,  беше пресреќна кога ни кажа дека дури успеала да си купи и машина за шиење поради огромниот интерес што го добила за професијата за време на обуките.

Емилија Идриз

„Со оглед на тоа што јас ништо не знаев многу сум задоволна и многу научив досега, дури си купив и машина за шиење. Конкретно, јас се занимавам со шиење и многу ми е интересно, иако на почетокот бев скептик и мислев дека нема да се снајдам, но излезе супер. Порано мислев дека шиењето е едноставно, но сега видов дека не е. Колешките многу ми помагаат и што и да ги прашам, секогаш се тука да ми одговорат и да ми помогнат. Тие ме воведоа во основните техники, за кратко време научив доста работи, но секако има уште и да учам. Бидејќи си купив машина, по обуките планирам да почнам да се занимавам посериозно со оваа професија, сакам да почнам да шијам, прво некои основни работи, па понатаму и сѐ останато. Со самото тоа што сакаш нешто да почнеш, кога ќе кажеш каде си била на обука и колку си постигнала, мислам дека луѓето многу ќе те ценат", вели Емилија Идриз.

Нејзините импресии ги дели и Маја Стевчевска која ќе каже дека секое ново знаење е добредојдено и по завршувањето на оваа обука, се надева дека ќе најде вработување.

Маја Стевчевска

„Мислам дека веќе ја поминавме половина обука и задоволни сме за почеток. Ги научивме основите, а очекуваме дека ќе научиме и многу повеќе. Досега научивме некои основни работи, да го цртаме телото, психички да ги анализираме ликовите, па според тоа да го цртаме она што тие го сакаат и да им предлагаме и да креираме за нив. Се надевам дека после оваа обука ќе најдам вработување или пак нешто сама ќе почнам, секое знаење е плус и добредојдено. Јас изработувам накит во кроше техника, истиот се изработува со плетење, со тенки конци, се додаваат кристали, мониста и слично", објаснува Маја.

Инаку, целта на овие обуки што се спроведуваат во повеќе сегменти од модниот дизајн во модната куќа „Елена Лука", e зајакнување на личните капацитети за конкурентен настап на пазарот на трудот на сите девојки. Им посакуваме голем успех, а нивната работа ќе ја следиме и понатака.

Објавено:
28 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
585 пати