Од утре Битола ќе „дише“ во знакот на модата, уметноста и културата

8 април 2014

Деновиве градот на конзулите ги прави последните подготовки за стартот на седмата по ред модна недела, која што од минатата година доби мултимедијален карактер и прерасна во фестивал за мода уметност и култура.

 

Што е модата? Пролет на креативноста, уметност на создавање магија, поинакво доживување на себеси, доловување на впечатокот кој го сигнализира околината... и многу други нешта што секојдневно поминуваат низ матрицата на едно пребирливо око!

Со оваа порака организаторите ги повикуваат сите вљубеници во модата, почитувачи уметноста и обожаватели на културата да бидат дел од годинешната забава. Оваа година сите млади и креативни луѓе може да земат учество во модната ревија која ја организира брендот за козметика и директен лидер за продажба на козметички производи во светот АВОН. Имено, компанијата им постави предизвик на талентираните креатори, да дизајнираат тоалета која ќе биде инспирирана од нивниот најнов производ, парфемот FLEUR.

Традиционално седмото издание е во организација на агенцијата за мода, уметност и култура Метрополис од Битола, која за оваа година најави мошне богата програма. Официјалното отворање на модниот настан ќе започне на деветти април со изложбата „Фојаер“ на Иван Коцка Јанчев и ќе продолжи со презентацијата на рамки за огледала на атељето „Пердика“, а вечерта во Центарот за култура во Битола ќе ја затвори промоцијата на книгата од Илија Талев, „Како да станете модел“.

Никола Петровски со манекенката Дунавка Трифуновска Никола Петровски со манекенката Дунавка Трифуновска

На десетти април продолжува мултимедијалната модна приказна. Почнувајќи од 12 часот па се до 19 часот вечер, АВОН во своите канцеларии  ќе организира отворен ден за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за нивните производи и работа. Потоа програмската шема продолжува повторно во Центарот за култура во Битола каде битолскиот дизајнер Никола Петровски кој пред неколку дена ја презентираше својата зимска колекција на Скопскиот моден викенд, ќе ја почести домашната публика со два модни перформанси. Тој ќе ја претстави својата колекција за пролет-лето 2014 и за сезоната есен-зима 2014/2015 година. По него следува презентацијата на дизајнерката Стефанија Насеска, за колекцијата „Револуција“, која ќе се одржи во Прилеп.

дел од колекцијата на Стефанија Насеска презентирана на Скопскиот моден викенд дел од колекцијата на Стефанија Насеска презентирана на Скопскиот моден викенд

Наредниот ден, петок, 11-ти април, во салата за свадби ќе се одржат модните шоуа на Славица Котевска и гостите од Скопје, Ивана Величковиќ и 3Пи Позитив, како и на креаторката со полско потекло Катерина Микрут, која што специјално на битолската публика ќе и ја претстави колекцијата „Cloudy city“.

Претпоследниот ден од модната недела ќе започне со бесплатно шминкање и тестирање на новите производи на АВОН, а ноќта ќе биде резервирана за модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева, која ќе ја промовира најновата пролетна колекција. Манифестацијата ќе продолжи со модната ревија која ја организира АВОН, а гламурозната ноќ ќе биде затворена со ревија на венчаници, потпишани од студиото L-Dizajn. Последниот ден, од модната недела ќе биде стациониран во кафе-барот „Камарите“ каде е најавен аудио-видео сценски моден перформанс, насловен „Телографија“, на Весна Дунимаглоска, Ѓорги Крстески и Станко Павлески.

 

 

 

Објавено:
8 април 2014
Категорија: 
Актуел