Омајгад ги покажа дуксерите

7 ноември 2015

После четирите линии маички со интересни натписи на кирилица, Гоце Велевски одлучи да презентира Омајгад дуксери. Тоа го направи денеска, во друштво на пријателите и оние што го сакаат неговиот дизајн, во кафулето „Љубов“. 

И Fashionel се упати на договореното место и бевме сведоци дека оваа зима често ќе ги гледаме Омајгад дуксерите низ улиците на Скопје.

-Одлучив да направам зимска линија. Исто така, одлучив тоа да бидат околу 60-тина дуксери, при што искористив веќе познати дизајни од претходната колекција за Скопје. Така, „Скопје радост ти ќе бидеш“ доби и своја варијанта. Вметнав и дизајн „Скопјеа“, во стрип манир, бидејќи и самиот сум голем љубител на стрип четивата. А третиот дизајн е инспириран од зајдисонцето на Партинзанска и е во розова боја. Така, понудвме нешто старо и добро, и нешто ново. Промоцијава требаше да започне во 11 часот, но овде имаше многу луѓе уште пред договореното време што бараа дуксери, што значи дека им се допаѓа, на мое големо задоволство - ни кажа Велевски.

Графичкиот дизајнер додаде дека Скопје му е голема инспирација, бидејќи е роден тука и го сака овој град.

-Многу го сакам Скопје, има работи и места што многу ми се допаѓаат тука, но морам да признам дека градот добива лик што и не ми се допаѓа многу. Сакам и добри журки, но нив се помалку ги има и ми тоа е нешто што ми недостасува - признава Гоце.

За она што следува од Омајгад не откри премногу, затоа што плановите уште се кројат.

-Зимава веројатно ќе следи уште нешто, но она што можам да кажам е дека на пролет подготвувам еден поголем проект, што ќе вклучи и нови производи - откри дизајнерот, кој додаде дека се труди постојатно да биде активен и присутен, бидејќи смета дека тоа е особено важно за одржување на еден бренд.

Ако сте љубители на овој дизајн, а не сте во можност денеска да наминете да го купите, тоа можете да го сторите и преку фејсбук страната на Омајгад. Дуксерите чинат 1500 денари.

Објавено:
7 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.903 пати