Опра Винфри втор пат на насловна на „Вог“ и сите зборуваат за тоа

6 јули 2018

Моќната Опра Винфри се најде по втор пат на насловна страна на најпрестижниот моден магазин. Прв пат тоа се случи во 1998 година, во октомвриското издание на американскиот „Вог“.  За истата Ана Винтур во една пригода ќе рече дека била една од најуспешните насловни. Но, исто така познато е дека познатата уредничка ѝ сугерирала на Опра да ослаби пред да се појави на насловната.

„Тоа беше суптилна и пријателска сугестија. Опра се појави на насловната во фустан без ракави, како лежи на кревет. Тоа беше неверојатна преобразба“, изјави Винтур во едно тв-интервју.

Овој пат, приказната е сосема поинаква. Опра е последната во низата моќни и инспиративни Афроамериканки што се најдоа на насловната страна на британскиот „Вог“. Опра го краси августовското издание, а пред неа беа Адвоа Боа и Гуру Мбата Ро.

Поканата доаѓа од уредникот на британското издание на магазинот, Едвард Енинфул, првиот Афроамериканец уредник на познато британско модно списание.

Поводот и претставувањето на Винфри овој пат се сосема поинакви, но не помалку забележани. Реакциите околу насловната страна нè стивнуваат.

На насловната се појавува во фустан на Стела Мекартни, додека на фотографиите во текстот носи и Александар Меквин и Ердем.

Многумина го прокоментираа ова нејзино издание како најмоќно досега, дури и кралско.
„Веројатно има некоја сина крв во неа" беше еден од најчестите коментари по повод новото појавување во „Вог".

Разговорот пак, е во насока на нејзиното присуство на кралската венчавка на Хари и Меган, но и гласините за тоа дека ќе се кандидира за претседател на САД во 2020 година, како и поделените мислења околу #MeToo движењето.

„Во таква политичка структура – со сите невистини, ѓубре, валкани работи што се одвиваат во заднина – сметам дека не би можела да опстојам. Не би можела да го правам тоа. Тука нема чиста работа. Тоа би ме убило", вели во интервјуто.

Многу реакции имаше и околу нејзиниот говор за време на „Златните глобуси", поврзани со #MeToo движењето.

„Луѓето зборуваат за тоа време како за „мрачно", но што ако ја смениме парадигмата? Јас на тоа гледам поинаку. На пример, нели е одлично тоа што се будиме? Мора да научите да се поврзувате со среќата", објаснува водителката.

Инаку, августовското издание од печат излегува токму денес.

 

 

 Фото извор: vogue.com;

Објавено:
6 јули 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
441 пати