Оскари 2020: Пет работи за кои се зборува и ден потоа

11 февруари 2020

Екипата на „Медена земја“ и нивниот огромен успех вклучувајќи ги и Оскарите, нè држеше будни и возбудени ноќта кога се одржуваше 92. издание на оваа манифестација.

Но, ако ги иземеме „Медените“, ова издание беше просечно и дури и досадно. За тоа говори и податокот дека гледаноста на истото за разлика од лани паднала за 11%, или ако сакате во бројки во 2019 година манифестацијата ја гледале 29.5 милиони луѓе (што е за 12% повеќе од 2018 пак), а годинава 23.6 милиони луѓе.

Иако ова е трета година по ред како немаат водител, можеби би требало да размислат да го вратат, затоа што недостасуваше возбуда, концепт и впечатливост.

Сепак и покрај тоа што не не воодушеви ова издание, постојат неколку работи за кои се зборува и ден потоа, а по кои ќе се паметат овие „Оскари“.

Ние одбравме пет и ви ги презентираме во продолжение:

 

Говорот на Хоакин Феникс

Актерот го доби оскарот за Најдобар актер во главна машка улога, за улогата во „Џокер“, а неговиот говор беше поздравен со овации и пропратен со многу емоции.

„Исполнет сум со голема благодарност во моментов. Не се чувствувам дека сум нешто повеќе од другите номинирани или кој било во оваа просторија, затоа што сите ја делиме истата љубов - љубовта кон филмот. Оваа форма на изразување ми подари неверојатен живот. Не знам каде би бил без тоа.

Сеоак, сметам дека најголемиот подарок, мене, но и на многумина од нас тука, е можноста да го користиме нашиот глас во име на оние кои немаат глас.

Размислував многу за некои вознемирувачки проблеми со кои ние колективно се соочуваме и сметам дека понекогаш се чувствуваме или сме принудени како да се бориме за различни каузи. Но, јас гледам заедништво. Без разлика дали зборуваме за родова нееднаквост или расизам или правата на припадност, или правата на животните, зборуваме за борба против неправдата. Борбата против верувањето дека една нација, една раса, еден човек, еден пол или еден вид има право да доминира, контролира, користи другите, а без да биде казнет.

Веќе не сме поврзани со природниот свет. Многумина од нас имаат егоцентричен поглед на светот, мислиме дека сме центар на универзумот. Сметаме дека имаме право вештачки да оплодиме крава, а откако ќе роди, да ѝ го украдеме бебето и покрај тоа што крици од страдање не запираат. А потоа, ѝ го земаме млекото наменето за нејзиното теле и го ставаме во нашето кафе или во нашите житарки.

Се плашиме од идејата за лична промена, бидејќи мислиме дека треба да жртвуваме нешто, да се откажеме од нешто. Но, најдобрите човечки суштества се многу креативни и иновативно и кога користиме љубов и сочувство како водечки принципи, можеме да создадеме, развиваме и имплементираме системи за промена кои се корисни за сите суштества со чувства и за животната средина.

Бев никаквец целиот мој живот. Бев себичен. Понекогаш бев суров, тежок за соработка и благодарен сум им на многумина од вас во оваа просторија кои ми дадовте втора шанса. Сметам дека тогаш сме најдобри - кога се поддржуваме едни со други, кога не се казнуваме и откажуваме од некого поради грешки од минатото, туку си помагаме да напредуваме, кога се едуцираме, кога се водиме заедно кон откупувањето. Тоа е најдоброто од човештвото.

Брат ми (Ривер) го напиша ова кога имаше 17 години, тој рече: „Трчај кон спасот со љубов и ќе те следи мир“. Ви благодарам“.

 

Настапот на Еминем

Ова требаше да биде изненадување, а според реакциите на медиумите, па и дел од присутните, целта е постигната. Раперот ја потсети публиката на големиот хит „Lose Yourself“, за која доби „Оскар“во 2003 година за Најдобра оригинална песна и со тоа стана првата рап нумера која е наградена со престижната награда.

На сите не им беше јасно што бара Еминем на годинашното издание, но дури и да не ви изгледа како правилен избор, не може да се одрече дека неговиот настап беше успешен и предизвика овации, а за успехот говори и податокот дека само за оскаровската вечер, неговата песна е преку 4.000 пати симната од „iTunes“, со што е најслушана, исто како и на „Билборд топ 100“ листата. Инаку, за потсетување, Еминем во 2018 година ја доби и наградата „RIAA“ за Најпродавана песна.

 За оние што растеа со оваа песна или пак ја одбележа нивната младост, беше одлично потсетување.

 

Наметката на Натали Портман

Убавата актерка на црвениот килим се појави во впечатлива креација од модната куќа „Диор“ со везени мотици, во златна и црна нијанса. Покрај фустанот, таа носеше и наметка, на која беа извезени имињата на жените режисери кои годинава НЕ беа номинирани за „Оскар“, со што јавно го искажа своето несогласување, не само за номинациите, туку и за малата застапеност на жените на годинашните „Оскари“.

На наметката на Портман се најдоа Грета Гервиг, Лорен Скарфарија, Лулу Ванг, Мти Диоп, Мариел Хелер, Мелина Мацукас, Алма Харел и Селин Шиама.

 

Хилдур Гуднадотир - Првата композиторка добитничка на „Оскар по 23 години

Во категоријата „Најдобра оригинална музика“, „Оскарот“ го зема Хилдур Гуднадотир, за музиката во „Џокер“. Со тоа, оваа Исланѓанка стана првата жена-композитор која ја освои престижната награда после речиси четврина век. Ако се знае пак, дека е третата воопшто од постоењето на „Оскарите“, нејзиниот успех е дотолку позначаен. Дел од медиумите објавија и дека е прва во оваа категорија, бидејќи претходните добитнички се натпреварувале во посебни категории (оригинална музика за мјузикл/комедија и драма). Инаку, таа компонираше и за мини-серијата „Чернобил“, за што освои и „Греми“ за најдобра композиција.

Во својот говор на крајот им се обрати на сите жени и девојчиња: „До девојчињата, жените, до мајките, до ќерките на кои ја слушаат музиката која отчукува во нив, ве молам, зборувајте гласно – ни треба да го слушнеме вашиот глас“.

 

Паразит

Ова 92 издание на „Оскарите“ понуди уште едно изненадување. Јужнокорејскиот филм „Паразит“ ги победи најголемите фаворити „Џокер“, „Ирецот“ и воедната драма „1917“ кои имаа по 11, односно 10 номинации. Екипата на „Паразит“ си замина дома со четири „Оскари“ – за најдобра режија, оригинално сценарио, најдобар странски филм и најдобар филм.

Но, фактот дека ова е првпат филм од неанглиско говорно подрачје да освои „Оскар“ за Најдобар филм, но и дека е првпат азиски филм да ја добие престижната награда за најдобро оригинално сценариот, тие испишаа историја.

Објавено:
11 февруари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
5.595 пати
Тагови: 
Оскари 2020