Параолимпијци на насловната на CR Men’s Book – лични приказни што инспирираат!

5 февруари 2018

На насловната страна на мартовското издание на магазинот што го потпишува Карин Ројтфелд, CR Men's Book, се најдоа двајца параолимписки шампиони Лиам Мелон и Рид Мекракен, чии лични приказни се мотивирачки за сите нас, а ја инспирирале и уредничката на магазинот.

„Сакам преку содржините на магазинот да споделувам лични приказни. Овој пат се решивме мартовското издание да биде со спортска тематика. Сакав да му покажам на светот успешни атлетичари од поинаква перспектива", вели Карин.

Изданието кое треба да излезе на 6-ти март е со слоган „Just doing it" упатувајќи на приказните на двајцата херои од насловната страна.

„Ме инспирираше нивната храброст и сила, и знаев дека преку ваквата содржина ќе испратиме позитивна и мотивирачка порака. Не можам да замислам било кои други атлетичари што повеќе заслужуваат да бидат на оваа насловна, од нив двајца. Тие и физички и ментално се шампиони и нивните приказни се неверојатно инспиративни", додава уредничката.

Фотографиите ги направи етаблираниот фотограф Стивен Клејн, за кој Лиам и Рид се негови лични херои и вистински пример за тоа дека предизвиците со кои се соочуваме во животот не треба да не спречуваат во остварувањето на нашите амбиции и соништа.

Фото извор: WWD

Објавено:
5 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
192 пати