„Пејпр“ магазин ги има најинтересните насловни за септември

22 август 2017

Магазинот „Пејпр“ направи посебно издание за Лас Вегас и по тој повод направи четири насловни страни на кои се најдоа четири врвни музички имиња.

Мараја Кери, Џенифер Лопез, Рики Мартин и „Бекстрит бојс“ се ѕвездите што придонесоа ова да биде најзборуваното издание на магазинот, а кои периодов ќе имаат и свој настап во овој град на забавата.

Внатре пак, освен фотосесиите сосема во Вегас стил, може да се прочитаат и интервјуата.

Најинтересните моменти од сечија приказна ви ги пренесуваме во продолжение:

Рики Мартин

Пред три децении, Енрике Хосе Мартин Моралев IV, пејач од Порто Рико, го смени своето име во Рики Мартин. И со тоа ја заврши пола работа на патот кон славата. По заминувањето од родниот град и напуштањето на бендот во кој ја почнуваше својата кариера, тој успеа да оствари соло кариера, која денес брои 10 албуми (на шпански и англиски) продадени во преку 70 милиони примероци. Од „Livin’ la Vida Loca“ до „Vente Pa’ Ca“, неговата популарност не се намалува, а ни симпатиите кај публиката. Во Вегас првпат настапувал во 1984 година со својот бенд.

-Се сеќавам беше моќно, спекаткуларно да се доживее овој град. Но, исто така, настапувањето во Лас Вегас носи и стандард со кој доаѓа и одговорност. Публиката во Вегас очекува најдобра забава на светот. Затоа пробите веќе два месеца наназад траат и по 14 часа. Мора да го заслужите своето место. Сите велат „Тоа што се случува во Вегас, останува во Вегас, но тоа е голема лага. Тоа не е вистина, не верувајте во тоа. Мора да внимавате! Инаку...“ – се шегува пејачот.

„Бекстрит Бојс“

После 24 години заедно, ЕјЏеј, Брајан, Хауви, Кевин и Ник се подобри од било кога. Работат на нивниот девети студиски албум. Она што почна срамежливо во Вегас, со девет закажани дати, сега се претвори во 40 шоу-а закажани до февруари следната година. Велат, имаат закажани настапи за следните две години, а можеби и подолго. На прашањето, после 24 години, што останало исто, а што се сменило, ќе кажат:

-Кога ќе излезете на сцена и ќе ги видите лицата во публика, нивните извици и енергија, изгледа како вчера да си почнал, како да си во временска капсула. Но, понекогаш, кога си зад сцената и се пресоблекуваш, чувствуваш дека си укочен и нешто те боли. Тогаш сфаќаш дека немаш 24 повеќе. Доаѓањето во Вегас нè зближи уште повеќе. Работите се многу добри во нашите животи сега. Навистина сме среќни. Веќе не мораме ништо да кажеме, се разбираме со поглед. Како да сме во долг брак. Со годините станавме подобри. Кога си млад и кога ќе излезеш на сцена, пука адреналин, бидејќи сакаш да бидеш најдобар. Сега доминира самодоверба. Удобно ни е во сопствената кожа. Знаеме кои сме и уживаме во тоа што сме „Бекстрит бојс“ – велат членовите на групата за магазинот.

Исто така додаваат дека Вегас е еден од нивните омилени градови. Хауви и Ник своите ергенски вечери ги имале токму тука, а дел од членовите имаат и куќи, така што за овој град ги врзуваат само убави спомени.

Џенифер Лопез

Џеј Ло има солидно искуство на сцената во Лас Вегас, за кој ќе каже дека е најсекси град на светот.

-Шоуто во Лас Вегас е навистина едно од најтешките и бара добра подготовка. Моето се вика „All I Have“, така што сè што имам оставам на сцената. Овде посебно не можете да си дозволите поинаку – вели ѕвездата.

Иако во Вегас многу луѓе се впуштаат во авантури, пијат многу, сепак тоа не се нејзините омилени активности.

-Знаете, јас сум тука да танцувам и најдивата работа што ја правам овде е што танцувам до четири часот. Шоуто трае преку два часа и за цело тоа време јас пеам и танцувам. Но, и покрај тоа, вежбам дополнително. Вежбам наутро, Го загревам моето тело. Повредите се случуваат кога мускулите се слаби или кога сте ги префорсирале. Затоа, мора да ги одржувате силни. Исто така, носам костими што тежат и не е секогаш лесно да се изведе точката. Но, сакам да ги менувам костимите. Всушност, тоа можеби и најмногу придонесува за шоуто, не е само во пеењето или танцот. Но, тие мора да бидат функционални и дизајнерите со кои соработувам одлично го знаат тоа – потенцира Лопез, која овој пат ќе носи креации на Балман и Версаче.

Мараја Кери

Првото шоу во Вегас го има на 18 годишна возраст. Во магазинот пак, освен на сегашните настапи, и оние претстојните во декември, се осврнува на тоа што значи да се биде „дива“.

-Јас сум немала момент на „дива“... Всушност, сум имала, но тогаш луѓето не можат да се справат со тоа. Сфаќам дека малку е тензично, бидејќи мајка ми беше оперска певица и тоа е вистинска дива, знаете. И кога други луѓе ќе кажат „јас сум дива“, си велам, душо, ти не знаеш што значи да си дива, не си пораснала со мајка ми (се смее). Јас тоа го доживувам како комплимент – вели Мараја.

Во краткото интервју признава дека и покрај тоа што и самата е голема ѕвезда, посебно била возбудена кога го запознала Принц.

-Тоа беше посебен момент. Последниот пат кога го видов, дојде во мојата соба за подготовка. Му кажав дека сакав да го посетам и да го поздравам, бидејќи ние се знаевме и од претходно. Тој ми помогна да пребродам моменти што не се лесни. Исто така, бев многу возбудена кога го видов првпат во живо Мајкл Џексон.

Објавено:
22 август 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
311 пати