Петти јубилеен „Trash fashion“ – еколошка мода за зелена иднина

4 јуни 2015

Младинскиот културен центар во Скопје вчера по петти пат беше домаќин на интернационалниот настан што ги поврзува модниот дизајн и грижата за животната средина  „Trash fashion 2015“.

Основната иницијатива на настанот што го организира ОХО продукција,  е да ги анимира младите луѓе односно среднишколците во подигањето на еколошката свест, со тоа што основниот предуслов за учество на настанот е креациите да бидат дизајнирани со реупотреба на материјали  или редизајнирани материјали од отпад.

На петтото јубилејно издание на „Trash fashion“  имавме можност  да уживаме во инвентивноста, досетливоста и креативноста на 46 средни училишта од цела Македонија.

Фасцинира  идејата дека во суштина со реупотреба на материјали може да се креира вистински нослива облека, како што беше и случајот на неколку креации што ги видовме на писта.

Искршени плочи, кутии од цигари, пластични црева од правосмукалки, мрежи за комарци, патенти, волница, хартија, стари весници беа само дел од реупотребените материјали од кои средношколците направиле фасцинантни креации што зад себе имаа автентични приказни.

Некои од нив беа инспирирани од филм, други од музика, трети од детските бајки, но заедничко за сите беше еколошката порака што ја испратија за круцијалното значење на еко-модата во заштитата на животната средина.

Во формалниот дел од настанот, стручно жири ги селектираше трите најуспешни креации врз основа на неколку  криетриуми како процентот на рециклирани материјали во изработката на креацијата, перформансот, шминката и фризурата, темата итн.

Прво место за тимот од „Интернационалното средно училиште“ од Скопје, за модел преплетен од килограм стари весници, врвки од патики и крилја од пакувања на смоки, чипс и тетрапак. Второ место од училиштето „Неготино“ од с.Неготино Полошко одело изработено од 7 метри хартиени вреќи и трето место за училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка за фустан од 200 пластични шишиња и наметка од пенкала, жетони, сложувалки, линијари, боици и друг школски прибор.

Оваа година беа избрани и десет модни дизјани кои ќе учествуваат на добротворна акуција и со модните дизајни ќе  обезбедат финансиски средства за своите училишта.

На овој настан му претходеше и изложба на шапки исто така изработени од рециклирани материјали, зад кои се потпишаа четири македоснки дизајнери, а со тоа го поддржаа настанот: Ирина Тошева, Јована Филиповиќ, Драган Христов и Билјана Клекачоска.

Trash FashionMacedonia 2015 ев о организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија, а се оддржува по повод 5-ти jуни- Светскиот ден на животната средина и е единствен настан во регионот од ваков вид, кој веќе пет години по ред предизвикува огромно внимание во домашните и странските медиуми.

 

Објавено:
4 јуни 2015
Категорија: 
Актуел