„Плагијаторка“: Меган Маркл беше уредник на септемврискиот британски „Вог“ и предизвика реакции

29 јули 2019

Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, ја прифати понудата да биде гостин-уредник во најважното од сите „Вог“ изданија, септемвриското. Таа ја креираше насловната страна за британскиот „Вог“, како и дел од текстовите  внатре.

Така, првата страна ја красат 15 жени на кои Маркл им се восхитува, обединети под слоганот „Forces for Change“, жени кои оставиле некоја трага и кои го смениле светот... Во нејзиниот избор има дами од шоубизнисот, активистки, политичарки..., а на сите заедничко им е тоа што ја слават различноста, се занимаваат со суштински прашања, меѓу кои и климатските промени.

Ова е голем чекор, бидејќи Војвотката е всушност првиот член од кралското семејство кој воопшто добил шанса да го уредува најпознатото модно списание. 

Главниот уредник на магазинот, Едвар Енинфул изјави пак дека, во оваа листа Меган не се ставила самата, бидејќи сметала дека би било претенциозно. Воедно, тој нагласува дека ова е еден од најрадикалните чекори на уредништвото во нивната стогодишна историја, особено имајќи предвид дека се работи за најважното издание во годината.

Инаку, ако загледате подобро, ќе видите дека на насловната страна има 15 жени и едно празно квадратче, а тоа секако не е случајно. Меган со ова ги вклучила читателките, секоја од нив го пополнува тоа празно место и може да ги поттикне да бидат дел од промените кои на сите ни се важни.

И доколку мислевте да кажете „браво“, сепак ова појавување и ангажман на Меган не помина баш како што можеби очекувала или како што повеќето очекувале.

Во контекст на ова одат реакциите на обожавателите. Тие сметаат дека новото издание на „Вог“ е „големо ѓубре“ и „апсолутно ужасно“. Тие сметаат дека листата на Меган е недоволно добра и досадна.

Воедно, се појави и работна фотографија од уредништвото на Меган, за која на социјалните мрежи се појавија коментари дека изгледа како да има 50 години и дека не им е јасно како воопшто е одобрена таа фотографија. 

Но, уште повеќе реакции одат на сметка на тоа дека насловната е веќе видена. 

Имено, пред три години Меган напишала есеј за изданието „The Game Changers“ на Саманта Брет и Стеф Адамс, тема која идентично ја пренесува во „Вог“ преку „Forces for Change“.

И на двете издание има 15 црно-бели фотографии од моќни жени, кои го менуваат светот.

Брет за „Дејли мејл“ изјави дека кога ја видела насловната на „Вог“ била мошне изненадена.

„Не можам да кажам дека не ни ласка што ѝ се допаѓа нашиот концепт. Ја сакам Меган и голем фан сум, но ако вистината е она на што луѓето нè алармираат (за неверојатна сличност помеѓу двата проекта), тогаш е екстремно разочарувачки. Меган напиша есеј за нашата книга, ја одобри лично насловната и ѝ беа дадени неколку примероци од изданието“, вели новинарката.

„The Game Changers“ е  објавена во декември 2016 година, а распродадена е речиси веднаш. Во 2017 е повторно издадена.

Објавено:
29 јули 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.189 пати
Извор: 
DailyMail