Плус-сајз модели протестираат во Лондон: Дизајнери правете облека за жени со облини!

19 февруари 2018

Деновиве за време на Модната недела во Лондон, вниманието го привлече протестот на плус –сајз модели кои облечени во долна облека излегоа на лондонските улици за да им порачат на дизајнерите: посветете внимание на жените со облини и дизајнирајте плус-сајз облека.

Целта на овие протести е да се зголеми модната свест за жените со облини и да им се понуди поголем избор кога е во прашање облеката.

Со нивниот активизам, тие му порачаа пред сè на модниот свет дека облините не треба да трпат компромис и дека треба да се слави женската убавина независно во каква форма и кој е нејзиниот конфекциски број, упатувајќи апел до модната индустрија дека треба да се промени начинот на кој се репрезентира женското тело.

„Мислам дека е многу значајно да продолжиме со вакви кампањи кои се однесуваат на прифаќање на различностите во оваа индустрија. Сакаме да им порачаме на жените да бидат самоуверени во однос на тоа кои се", вели Хејли Хаселхоф, една од плус-сајз моделите која го подржа протестот.

Тие во својата иницијатива подвклекоа дека овој протест апсолутно не значи „напаѓање" на моделите со помал конфекциски број, туку инклузија на сите различности.

„Сакајте ги вашите облини... Модна недела Лондон – каде се облините? ... Облините не значат компромис", се само дел од натписите на транспарентите кои протестантките им ги упатија на сите директно инволвирани во модната индустрија, а Модната недела во Лондон се покажа како одлична прилика за што пошироко да го привлечат медиумското внимание, а со тоа и вниманието на јавноста.

Објавено:
19 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.154 пати