Почина Лук Пери, омилениот фраер од „Беверли Хилс - 90210“

4 март 2019

Откако „Фокс“ ја објави веста дека екипата од серијата „Беверли Хилс“ ќе се собере повторно, се чекаше потврда од Лук Пери и Шенон Доерти, за истиот ден, во јавноста да се појави веста дека Лук Пери доживеал мозочен удар.

Пред неполни половина час, странските медиуми објавија дека актерот почина од последиците на ударот на 52-годишна возраст.

„Пери беше опркужен со неговите деца Џек и Софи, свршеницата Венди Медисон, поранешната сопруга Мини Шарп, мајката Ен Бенет, очувот Стив Бенет, братот Том Пери, сестрата Еми Кодер и останатите блиски членови на семејството и пријателите. Семејството се заблагодарува за поддршката и молитвите кои беа упатени кон Лук од целиот свет и моли за почит и приватност во овој период на тага. Други детали нема да бидат соопштени во овој момент“, стои во соопштението за јавност. 

За потсетување, Пери се прослави со улогата на Дилан во споменатата серија, во која беше дел од 1990 до 1995 година, а потоа повторно во 1998 година па сè до завршетокот на серијата во 2000. Тој беше еден од омилените фраери во 90210, неговиот лик важеше за „опасно момче“, кое се бори против алкохолизмот и има турбулентни врски со Бренда и Кели. 

Инаку, меѓу последните ангажмани му е појавувањето во тв-драмата „Ривердејл“, а при снимањето на истата и му се слошило минатата недела, по што итно бил префрлен во болница. Постхумно ќе се појави и во филмот на Тарантино „Си беше еднаш во Холивуд“, каде го толкува ликот на канадско-американкиот актер Вејн Маундер.

 

Објавено:
4 март 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.359 пати