Pop-up продавница на Ludus во PrivatePrint

27 август 2016

Во студиото на PRIVATEPRINT од 2 до 4 септември (од 17 до 22 часот) ќе биде отворена pop-up продавница со фокус на модниот бренд Лудус.

LUDUS Loves Fashion е инстор женска модна етикета основана во 2010-та година како одговор на потребите на клиентите на концептуaлната продавница Лудус. Продавницата беше отворена во 2006-та и до 2008-та година стана платформа за новиот македонски моден дизајн, целосно поддржувајќи ги младите дизајнери и етикети.

Лудус започна како менлив производ што еволуира од концептуална продавница со цврст идентитет до експериментална модна линија. Во моментов, Драган Христов, еден од основачите на Лудус концепт стор е посветен на развојот на модната линија, дополнета со колекција за мажи.

Со концептуална позадина, Христов (дипломец на Академијата за Ликовни Уметнoсти- Брера во Милано) создава безродова облека за клиентите според нивните моментни чувства. Колекциите се движат меѓу носливоста и софистицираната авангарда, а за основа ги имаат чувствата, најчесто меланхолични и тажни. Финалниот резултат е монохроматски и минималистички, изработен главно од свила и природни проѕирни материјали, а силуетата е налик скулптура. Презентациите на Лудус, инспирирани од филмот и современата музика се настани со неочекувани локации што придонесуваат кон интелектуалниот карактер на етикетата.

PRIVATEPRINT е издавачка куќа од Скопје, посветена на уредување, создавање и поддршка на уметнички книги, уметнички/кураторски истражувачки проекти и останати слични публикации. Студиото на PRIVATEPRINT е постојано отворено за посетители со најава, а повремено таму се организираат настани и изложби. PRIVATEPRINT работи и на создавање на архива на оригинални уметнички дела. Основачи и главни уредници се Марија Христова и Илија Прокопиев.

Специјални гости на настанот се Архи.тек, бесплатна месечна публикација на Архитектонски Факултет Скопје. Нејзини уредници се Владо Данаилов и Мила Димитровска.

Објавено:
27 август 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
153 пати