Пораката од „Мода меѓу редови“

1 јуни 2016

Националната установа, Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип беше местото каде студентите на Технолошко техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип под менторство на Сања Ристески заедно со членовите на тимот IKBKG вчеравечер и сите љубители на модата се упатија да ја проследат ревијата на тема „Мода меѓу редови“. Настанот беше од мултимедијален карактер, а организаторите се задоволни од интересот и прифатеноста од страна на публиката.

-„Образованието е најмоќното оружје што може да го смени светот. На подобро или полошо треба самите да одлучиме! " Претставивме дел од нашата работа изминатите неколку месеци и се надевам дека добро ја презентиравме. Зборувавме за тоа дека никој не треба да создаде перспектива за да ја следиме туку таа се создава според визијата на младиот човек. Кажувајќи ви дека иднина не постои пред да се создаде визија, јасно ви ја прикажавме нашата. Нашата имагинација и креативност ја насочивме кон тоа да покажеме колку вреди пишаниот збор, а присутните ги потикнавме да размислуваат за прашањето: "Дали живееме во проклето стереотипно општество?" – велат организаторите.

Тие додаваат дека се среќни што заедно со присутните имале можност да се упатат кон нивните „светли пристаништа каде што нѐ чека убавината на светот, да нѐ спаси нас.

-А, потоа и ние него. Да продреме во тврдата лушпа на човековото јас и со помош на книгата и духовната сила во нас, за да го пронајдеме богатството на животот. Затоа многу пати се рекло дека голема несреќа е кога човек не знае што сака, а вистинска катастрофа е кога не знае што може. Заедно докажавме дека можеме, а можете и вие! Ние сме суштества како и сите други на светов, суштества кои имаат душа, срце кое чука, ум кој работи. Ние сме само тронка од светов, тронка која самата за себе си има своја големина. Да, ние сме само скитници, пантици, талкачи на земјава... А ДАЛИ ВИЕ СТЕ НЕШТО ПОВЕЌЕ? – порачуваат младите креативци.

Во продолжение погледнете дел од вчерашната атмосфера:

Објавено:
1 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
229 пати