Повик од иднината: СМС од стариот фустан?!

15 септември 2016

Додека ние овде се окупираме со сосема други теми, во Велика Британија започнаа истражување и развивање технологија за паметна облека.

Истражувањето покажало дека луѓето во своите плакари имаат четири пати повеќе облека отколку пред две децении, а носиме само 20 проценти од тоа.

Според нив тоа е фрлање на пари, но и губење време. Британците на пример, годишно купуваат 2.15 милиони тони облека и обувки, а вредноста на работите што им стојат во плакарите е дури 30 милијарди фунти.

Научниците на Универзитетот во Бирмингем се насочиле кон решавање на проблемот, развивајќи технологија за т.н. паметна облека.

Што значи тоа?

Тоа значи дека, облеката што подолго време не сме ја носеле ќе ни испрати СМС, или Твит. Оние што ќе ги игнорираат пораките, ќе добијат известување од организацијата која се занимава со рециклажа на текстил, а на која вашиот стар фустан исто така испратил СМС дека веќе одамна не е облечен.

Постои и трета опција. Фустанот може сам себе да се понуди и на онлајн аукциска продажба на eBay.

Ви изгледа смешно и се прашувате како е сето тоа можно?

Секој „паметен“ предмет ќе има невидлив чип кој ќе биде задолжен за праќање пораки. Чипот нема да пречи при носењето на облеката, ниту пак при нејзиното одржување.

Целта на сето ова е да се влијае врз свеста на луѓето, особено оние импулсивни купувачи – да се научат луѓето да го штедат своето време и пари и да ги користат на некои други и попаметни работи.

Објавено:
15 септември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
685 пати
Извор: 
DailyMail