Поздрав матуранти, се подготвувате ли?

12 мај 2015

Следната година прославувам десет години од мојата матура. Од ова временска дистанца со задоволство се присетувам на секој детаљ и на сите моменти поврзани со подготовките – секој „огромен“ ,  „нерешлив“  и наивен проблем во тој момент, сега е само пријатно сеќавање. Па од аспект на еден поранешен матурант  кој ги поминал сите искуства, згоди, незгоди и перипетии,  во следните неколку реченици добронамерно ве советувам...

Вие сте млади, енергични, полни со ентузијазам и генерација од која се очекува да направи револуционерни промени во целокупниот општествен поредок. Најголемиот дел од вас се веќе полнолетни и треба да се носат со одговорноста која се наметнува заедно со напуштањето на училишните клупи.

Но, првото правило е: никогаш не изневерувајте го детето во себе. Најголем проблем на возрасните кои не ги разбирате, заедно со нивните постапки е затоа што го изгубиле контактот со својата ведра и позитивна страна. Да, реалноста е сурова и она што ве очекува по завршувањето на средното образование е нов предизвик, но затоа подгответе се да одговорите достојно, секогаш со бистра глава и свој став.

Во овој период од вашиот живот, најмалку суштината е самата матурска вечер. Сигурно дека со вашата искрена и задоволна насмевка на младешкото лице ќе изгледате неодоливо, независно од тоа каков е вашиот личен стил и како сте се „дотерале“ вечерта. Суштината е дека вие започнувата нова етапа во животот која ќе ве соочи со многу предизвици, проблеми, но и можности кога сами ќе треба да донесете круцијални животни одлуки. А токму во тоа е убавината! Одлучувате сами за себе.

Затоа, поентата се сведува на тоа дека последните денови од вашето средно образование и осбено деновите околу матурската вечер, наместо да се оптеретувате и да трошите енергија дали ќе ја имате најсовршената фризура или дали сте ја одбрале вистинската боја за тоалетата, (не велам дека не се важни, туку имаат споредно значење) сконцентрирајте се на сите оние магични, ситни моменти кои секогаш ќе ви останат врежани во главата.  Токму тие моменти ќе бидат првите на кои ќе се присетите десет години после вашата матурска вечер и кога ќе прославувате јубилеј со вашата генерација. Тогаш никој нема да се сеќава на вашата фризура, туку главно муабетите ќе циркулираат околу комичните гафови на најдобриот другар од клупа или часовите со омилените професори. А до тогаш, задржете го детето во себе!

Објавено:
12 мај 2015
Категорија: 
Актуел