Предозирана женственост во машката мода?

26 јануари 2015

Актуелни се Модните недели посветени на машката мода, кои во континуитет се одржуваат низ главните светски модни метрополи. Очекувано, престижните светски брендови се надминуваат себе си со перфектно дефинираниот дизајн и визијата за современиот маж, нудејќи вистинска нослива уметност на писта. Дел од брендовите останаа доследни на својата традиција и само со модифицирана верзија на класиката, создадоа современен пандан на безвременскиот џентлмен.

Живанши Живанши

Од друга страна пак, секоаш сме сведоци и на ексцентричноста која обично и припаѓа на Лондонската модна недела, и повремен ексес не е неочекуван (како на пример искинатите ќеси на глава во шоуто на Кристофер Шенон). Напротив, таквиот адреналин и е потребен на секоја креативна индустрија.

Кристофер Шенон Кристофер Шенон

Она што особено ја предизвика јавноста беше и последната колекција на Рик Овенс во Париз, кој буквално на писта ја откри „машкоста“ на своите модели порачувајќи –се враќам на примитивизмот, ова е мојата слобода. Но, во суштина, во конвенционалниот дел од ревијата, Овенс прикажа одлично скроени палта, футуристички графички принт на елеците, блузоните и блејзерите и вреќести панталони комбинирани со високи чизми, што дефинираше еден футуристички милитари изглед.

Рик Овенс Рик Овенс

 

Но, она што отвора прашања за дискусија во критичната јавност е старо-новиот тренд:  се повеќе и се почесто дозираната женственост во машката мода, масовно, претенцизиозно и буквално.

Во суштина се работи за преживување на револуционерното ослободување во 80-те, кога да се носи розово или шминка не беше „привилегија“ само за жените. Сега се случува истото, само со нови генерации.

Ова не е прашање на ограничување на слободата во креативниот израз, најмалку стереотипна поделба на машки и женски дизајн, туку зошто е толку изразена потребата условно речено да се присвојат женсвеноста и дизајнот типичен за женската мода во машката? Дали презаситенсота од „обичното“ или упорно бегање од конвецнионалноста која кога не носи порака и суштина, преминува во бизарност или поттикот е уште подлабок и  поврзан со други општествени и социјални прашања? Или едноставното правило на ретроспективно навраќање декади наназад и нивно осовременување, како што впрочем се случува со сите модни тенденции?

Колку и да се нашите погледи широки и размислуваме со отворен ум,  претерано феминизираната машката мода не' остава во бунило. Додека жените се почесто ги гледаме во андгрогени верзии, облечени во вреќести панталони, кошули и сакоа, на патики, модната индустрија гласно зборува за феминизираната иднина во машката мода.

Гучи Гучи

А иднината каква што сега се предвидува на модните писти, наведува на минатото – во праисторискиот период. Фустаните со асиметричен преклоп ги носеле и мажи и жени, високите потпетици пак, прво ги носеле мажите – персиските војници, каубојците, Луј 14…, здолништата што ги носеле или се" уште ги носат мажи се карактеристични за повеќе национални традиции и религии во различни историски периоди.

Но, современото секојдневие поставило нови непишани правила на игра. Покрај уметничкиот аспект на дизајнерскиот инпут, за да остане жива и нослива неговата мода, би требало да биде и практична и прифатлива за современиот маж. Модниот дизајн кога е единствено во рамките на уметноста, не трпи компромиси, но кога има одредена таргет група, тогаш модните брендови го уживаат луксузот да наметнат свои правила на игра, но водени од  потребите на оние за кои нивниот моден дизајн е наменет.

Финалната слика  сепак зависи од крајните корисници. Кога вртоглаво променливите трендови би ги искористиле постојано во насока на надоградување на нашиот базичен и препознатлив стил, тогаш би го анулирале бизарното и минливото од модната-шоу сцена, а би го зацврстиле профилот на нашата индивидуа.

 

Објавено:
26 јануари 2015
Категорија: 
Актуел