Принцезата Дина го напушти Вог по само два броја

18 април 2017

Принцезата и прва уредничка на арапското издание на Вог, Дина Абдулазиз го напушти магазинот по само два објавени броја.

„Не сакав да направам компромис кога почувствував дека пристапот на издавачот почна да се коси со вредностите на нашите читатели и мојата улога на уредник на магазинот. Горда сум на тоа што го постигнав за толку многу кратко време. Мојата намера беше од корен да изградам едно зрело списание кое ќе биде подеднакво добро како другите верзии“, изјави принцезата Дина за Business of Fashion.

Таа беше назначена за уредничка на Вог во јули 2016 година, а неодамна беше промовиран и првиот број на кој таа работеше долго време.

Арапското издание на Вог беше лансирано во соработка со издавачката куќа Нервора од Дубаи, а двата броја што досега излегоа беа на англиски и арапски јазик.

На првата насловна страница се појави светски познатата манекенка Џиџи Хадид со украсен хиџаб на главата, додека на априлското издание се појави манекенката Иман Хамам која има египетско и мароканско потекло.

Принцезата Дина на крај на својата изјава вели дека и била огромна чест што имала можност барем за кратко да биде уредничка на овој револуционерен магазин кој им донесе глас на жените во арапскиот свет.

Објавено:
18 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
735 пати