Принцезата Дина ќе го води првиот арапски Вог

7 јули 2016

Оваа есен, Condѐ Nast ќе го лансира првото издание на арапскиот Вог, а сосема очекувано, прва дама и уредничка на магазинот ќе биде принцезата Дина Абдулазиз.

Компанијата прво ќе лансира онлајн издание на магазинот на арапски и англиски јазик, а потоа ќе биде означен и почетокот на лансирањето на печатеното издание, најверојатно пролетта 2018 година.

„Сосема е логично да се почне со онлајн издание. Во минатото, приоритет беше секогаш да се почне со печатеното издание, па дури потоа да се лансира онлајн страницата. Денеска, онлајн изданијата се секогаш на прво место кога станува збор за бизнис стратегија“, вели Џонатан Њухаус, првиот човек на Condѐ Nast.

Лансирањето на онлајн магазин на два јазика паралелно е прв ваков чекор за компанијата, а ќе овозможи истата многу брзо да се инфилтрира на пазарот на Блискиот Исток.

Одлуката конечно да се лансира арапско издание на Вог е неверојатно значајна за компанијата, со оглед на тоа што Њухаус пред 10 години го одби предлогот да се отвори арапски Вог појаснувајќи дека Блискиот Исток постојано ги одбива западните вредности за слободата, еднаквоста на жените и изразувањето на сексуалноста.

„Сега дојде време тоа да го направиме реалност. Изминатите 10 години интересот за high street брендовите неверојатно порасна, а ние во Conde Nast сме свесни за тоа“, изјави Њухаус, посочувајќи го значењето на големиот број продавници и трговски центри изградени на Блискиот Исток и огромното влијание што го има арапскиот пазар во светот на луксузните добра.

Оттука, сосема оправдана е одлуката прекрасната Дина Абдулазиз да биде на чело на првиот арапски Вог.

Таа важи за една од најстилските жени на Блискиот Исток која направи вистинска пресвртница отворајќи ја нејзината продавница во која носеше парчиња од бројни познати брендови.

„Надвор од нашиот регион сите мислат дека арапските жени не се доволно моќни, но ние имаме долга историја на важни постигнувања. Тоа се приказни за кој не знае никој, но преку Вог ќе го запознаеме светот со истите и ќе ја поврземе модата со нашата култура. Точно е дека нашиот регион е конзервативен по природа, но арапските жени не се поинакви од останатите во светот и сакаме сите да се чувствуваме убаво и моќно“, вели принцезата Дина.

Објавено:
7 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
730 пати