Првата самостојна кампања на Пјерпаоло Пичоли за Валентино

4 јануари 2017

Откако неодамна Марија Грација Кјури ја претстави првата кампања за Диор, нејзиниот долгогодишен партнер Пјерпаоло Пичоли се чини ги следи нејзините стапки.

Деновиве и тој ја објави неговата прва самостојна кампања за Валентино, откако пред неколку месеци модната куќа објави дека Марија Грациа Кјури заминува во Диор.

Преку кампањата дизајнерот ја слави природната убавина преку прекрасни модели меѓу кои и познатата Кристи Тарлингтон, Лија Кебеде, Феј Феј Сун и уште неколку други.

Одличните фотографии ги направи Дејвид Симс и тоа во бекстејџ по ревијата за пролет/лето 2017 година. Во студио се снимени единствено црно – белите портрети на моделите на кои се гледа секој еден детаљ.

„Кампањата е игра со времето, со она што е издржливо и неповторливо“, напиша Пичоли во Инстаграм најавата на својата прва самостојна кампања. Се чини дека и двајцата сосема добро се снаоѓаат и сами, иако многумина се сомневаа во тоа.

Последното заедничко шоу на модното дуо беше презентирано во рамки на модната недела за висока мода во Париз.

„Валентино и луѓето со кои работам се голем дел од мојот живот. Мојата одлука да продолжам да ја водам креативата што ми е дадена се води од големата страст кон работата што ја работам и од желбата да продолжам тука да ги изразувам моите стилски визии“, изјави тогаш Пичоли.

Објавено:
4 јануари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
116 пати