Првите фотографии на Андреја Пејиќ за кампањата на Make Up For Ever

5 јуни 2015

Трансродовиот модел со српско потекло Андреја Пејиќ е заштитно лице на новата кампања на козметичкиот бренд Make Up For Ever!

Со ова, Андреја стана првиот трансродов модел што се појавува во кампања на светски познат козметички бренд, откако неодамна нејзината колешка Леа Т, сними рекламна кампања за познатиот бренд за производи за нега на косата Redken.

За прв пат информацијата дека Андреја е заштитно лице на брендот Make Up For Ever во јавноста ја објави таа самата, конкретно, во интервјуто за Вог, кога не сакаше да открие многу детали поврзани со истата.

„Потпишувањето на ваков договор со козметичка компанија за мене е нешто огромно, тоа е голема работа всушност за секој модел. Тоа е добивање на еден вид Оскар во модниот свет. Станува збор за бренд што секогаш праќа одлини пораки кон светот, промовира убави мисли поврзани со тоа секогаш да бидете свои, да живеете живот без лаги, да можете да се искажете себеси на секој можен начин... И сосема на крајот, дека е супер да бидете поинакви“, изјави Андреја на лансирањето на кампањата.

Дел од одличната кампања се неколку фотографии на кои Андреја изгледа подобро од кога и да е, со неколку различни изгледи почнувајќи од интензивна вечерна шминка, па сѐ до нежна дневна.

Овој април, Андреја се најде и пред објективот на Патрик Демаршелие со кого направи одлични фотографии за модната библија Вог, каде впрочем и ги откри првите информации за кампањата за Make Up For Ever.

Објавено:
5 јуни 2015
Категорија: 
Актуел