Револуција: Трансексуалната манекенка Леа го потпиша првиот договор со козметичка компанија!

6 ноември 2014

Трансексуалната манекенка Леа Т го потпиша првиот договор со американската козметичка компанија Редкен, со што всушност настана вистинска револуција во модата поради фактот што, за првпат, трансексуален модел рекламира козметички производи.

Бразилската манекенка на светот досега му беше позната како најголемата муза на брендот Живанши, односно на модниот дизајнер Рикардо Тиши кој многу често ја ангажираше за нивните рекламни кампањи.

Пред само неколку дена, таа потпиша договор со козметичката компанија Редкен за рекламирање на нивните нови производи за коса, односно снимање фотосесија за истите и рекламна кампања во неколку фази.

Кампањата на брендот има за цел да ја слави индивидуалноста на жената, па оваа бразилска трансексуална манекенка за тимот била и повеќе од логичен избор.

„Сите ние сме еднакви, имаме своја индивидуалност, своја убавина, свој живот. Одушевена сум што наидов на една ваква, одлична прилика и се радувам на соработката со Редкен, бидејќи тие покажаа дека ги почитуваат сите видови на убавина, што денеска е реткост во светот, но и неверојатна потреба“, изјави манекенката.

Светот за прв пат можеше подобро да ја запознае Леа кога таа се појави на насловната на магазинот LOVE заедно со Кејт Мос, во изданието што беше целосно посветено на андрогеноста.

Оттогаш, таа стана неверојатно инспиративна муза за италијанскиот дизајнер Рикардо Тиши, но и се појави во голем број магазини вклучувајќи го и парискиот Вог, Interview магазинот и Hercules Magazine.

Во март 2012 – тата година, бразилската манекенка се одлучи на хируршки зафат во Тајланд, по што целосно го смени полот во жена. Со нејзината сјајна коса, впечатливиот изглед и манекенската градба, таа дефинитивно го привлече вниманието во модната индустрија.

Една година претходно, во емисијата на Опра, таа за првпат проговори за борбата со која морала да се соочи низ годините, кога всушност дознала дека сака да биде жена.

“Се надевав дека сум само хомосексуалец. Тоа ќе беше полесно за моите родители... па можеби тогаш ќе имав нормален живот. Се обидував да го прифатам моето машко тело. Ќе беше многу полесно за мене дури и ако најдев девојка, ако се оженев, ако имав семејство, деца...нормален живот. Но, тоа е нешто во вашиот мозок, нешто од што не можете да се одбраните – вие сте едноставно роден во погрешно тело“, изјави Леа назад во 2011 – тата година.

Кампањата на американскиот гигант Редкен со Леа во главната улога ќе биде лансирана во јануари 2015 – тата ширум светот.

Објавено:
6 ноември 2014
Категорија: 
Актуел