Резиме на единаесеттиот FWSK

20 април 2015

Викендов со ревијата за колекцијата „Veritas“ на Мила Кадриу се заокружи единаесеттото издание на Моден викенд Скопје, единствената официјална модна манифестација која шестта година по ред се одржува во главниот град.

Со оглед на фактот дека Моден викенд Скопје е безконкурентна репрезентативна платформа која сублимирано ги промовира новитетите од претежно домашниот моден дизајн, го има целосното внимание барем од оние кои на директен или индиректен начин се инволвирани во модната индустрија.

Затоа, за сите нив и за комплетната слика на македонската модна сцена, од исклучително значење е да постои здрава организација која барем два пати годишно, сезонски, ќе биде барометар на прогресот на македонската мода.

Оваа сезона, во организација на Моден викенд Скопје, своите нови колекции ги промовираа 12 учесници. Според број на учесници, ова е едно од најоскудните изданија, иако не значи дека квантитетот го диктира и квалитетот. Меѓу 12-те учесници, четири македонски дизајнерки Олгица Ѓорѓиева, Росица Мршиќ, Ирина Тошева и Мила Кадриу се единствените домашни креаторки кои зад себе имаат повеќегодишно искуство со учество на модната манифестација. Во останатиот дел, видовме модни перформанси на млади дизајнери, ревии на комерцијални брендови и модни куќи, групни ревијални претставувања на студентите и професорите од Факултетот за арт и дизајн (ЕУРМ), како и гостувања на две дизајнерки од регионот, Флутура Дедиња од Косово и Јована Марковиќ од Србија.

Овде се отвара и главното прашање што го наметна ова единаесетто издание: зошто се намали бројот на домашни учесници? Одговорот на ова прашање не смееме да го бараме исклучително на една адреса, напротив опциите се повеќестрани со оглед на тоа дека и самиот Моден викенд го дефинираат различни страни.

Дали дизајнерите ги бараат финансиски најисплатливите варијанти за себепромоција, па социјалните мрежи ги пресметаа како поисплатлив пандан на модна ревија? Или можеби се одлучуваат за самостојна промоција или визионерски настапуваат со директна промоција на странскиот пазар?

Бизнис секторот пак, има големо влијание во оддржувањето на квалитетната организација на значаен настан од ваков калибар, па затоа игнорирањето од нивна страна негативно може да се одрази на „цврстината“ во организациониот дел. И најмали финеси во организацијата имаат големо значење за целосниот впечаток.

Следна опција е динамиката на домашната модна сцена и колку дизајнерите и покрај сите притисоци може да го издржат темпото на континуирано продуцирање. (Ако го земеме во предвид фактот дека последниве години голем дел и од светските дизајнерски имиња го пренасочија својот бизнис на конкретни проекти или линии поради тоа што не можат да ја издржат динамичната циркулација на сезоните што негативно влијае врз креативниот дел, тогаш на сето тоа ќе ги додадеме и финансиските и егзистенцијални проблеми, па ќе ја решиме равeнката).

Локацијата која неколку сезони наназад беше честопати проблем, оваа година се покажа како одличен избор. Во еден модернистички амбиент, во центарот на градот – катната гаража „Солунски конгрес“ каде се одржаа најголем дел од ревиите и перформансите, ги собра љубителите на модата, со исклучок на последната ревија на MCouture која беше презентирана во еден поинаков амбинет на винаријата Камник, што на сите присутни им приреди несекојдневно уживање.

Меѓу манекенките повторно ги видовме веќе добропознатите имиња, најголем дел од агенцијата Подиум која пак е дел од „Модна недела корпорација“, со исклучок на неколку манекенки од Моделс ИН и Црнокрак.

Она што остава голем позитивен впечаток на Моден викенд Скопје, е надвор од официјалниот ревијален дел, односно организацијата на интерактивни работилници на различни теми. Овој пат, во рамките на едукативната програма, во компанијата за едукација и поддршка на млади таленти NewMan’s Business Accelerator во Скопје се одржа работилницата на тема „Развој на моден бизнис“ под менторство на Жан Бутон.

На Скопски саем пак, во рамките на бизнис програмата на Моден викенд се одржа „Webinar“. Со помош на најсовремената технологија на CISCO Македонија , основачот на Global Fashion Management Тиери Бајле во живо од Лондон одржа предавање и менторски сесии. На настанот освен модни дизајнери,присуствуваат и претставници на македонски фабрики- членки на Текстилниот Кластер Македонија, што беше добра можност за меѓусебно поврзување и остварување на нови соработки. Ваквиот тип на неформално образование е од особено значење особено за младите креативци, со оглед на  тоа што во ова современо живеење не е доволно само да си креативен, туку треба да се квалификуваш за да ја продадеш својата креативност.

Моден викенд Скопје за сега е единственото случување во Скопје каде меѓусебно се среќаваат, поврзуваат и размeнуваат искуства луѓето од модната фела. Затоа квалитетот и прогресот на овој моден настан директно се одразува и врз квалитетот и прогресот на целокупната состојба на македонската модна сцена. Затоа во иднина посакуваме да видиме трансформација, ревии што ќе воодушеват, големи имиња, влог во неформалната едукација по примерот од годинава, цврста организација.... затоа што го имаме потенцијалот!

Објавено:
20 април 2015
Категорија: 
Актуел