Ривалството на Винтур и Браун ќе го гледаме на екраните

16 мај 2017

Телевизиската куќа „Браво“ ќе застане зад најновиот проект поврзан со модната уредничка Ана Винтур. Потврдата официјално пристигна вчера од Франсес Бервик, претседател на „NBCUniversal Cable Entertainment’s Lifestyle Networks“. Се работи за серија, базирана врз вистинска приказна за пријателството и ривалството на Винтур и Тина Браун.

Инаку, Браун е исто така успешна уредничка на „Венити Фер“ и „Њујорк Тајмс“, а основач е и на фондацијата „Жените во светот“ (Women in the world). Јавна тајна е дека овие две моќни жени веќе со децении не се во добри односи, а причините лежат и во професионалните и во приватните односи. Се смета дека пред повеќе од 15 години, Браун сакала да го украде тогашното момче, а сега сопруг на Винтур, Шелби Рајан. Сепак, никој досега не открил и потврдил за што точно се работи, поради што интригите околу телевизиското шоу уште повеќе се зголемуваат.

фото: Дејли Мејл - Винтур со сопругот

Серијата, што ќе го носи насловот „All That Glitters“, сепак нема да се однесува само на тој аспект. Гледачите во текот на шесте епизоди од по еден час, ќе имаат можност да видат и како се развива нивниот професионален пат во модниот свет и тоа во време кога доминираат мажите. Неоспорно е дека тие го менуваат светот околу нив. Тина преку пресекувањето на јазолот помеѓу високата култура и познатите ѕвезди, а Ана преку инстинктот за Висока мода и таленти во подем.

фото: Дејли Мејл- Тина и Ана 1989 година

Сценариото ќе биде базирано врз наградуваната книга „Newhouse“ на Томас Мајер. И покрај тоа што сè уште не е познато кој ќе ги толкува главните улоги, фактот дека на серијата ќе работат  Гејл Хурд (The Walking Dead) и Џудит Верно (Masters of Sex), а „Universal Cable Productions“ и “Sony Pictures Television“, ќе ја продуцираат, кај публиката носи големи очекувања.

Она што исто така не се знае сè уште е кога официјално ќе започнат снимањата, како и кога да се очекува финалниот резултат, но и овие информации се доволни да се разгори желбата кај публиката да „ѕирне“ во животот на едни од најмоќните жени во САД, инаку двете родени Британки.

Тина Браун некогаш

Тина Браун денес

Објавено:
16 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
447 пати