Росица Мршиќ со виртуелна промотивна приказна за новата колекција

31 октомври 2014

Росица Мршиќ внесе новина во презентирање на нејзината колекција есен/зима 2014-15. Во продолжение на десеттиот Моден викенд Скопје, им понуди ексклузивна можност на домашните и интернационалните клиенти на нејзиниот бренд и љубители на мода  премиерно он-лајн да ја следат моднaта ревија. Развојот на имиџот и ширењето на пласманот надвор од Македонија наметнаа потреба од ваков безграничен начин на покажување на колекцијата. За  вкусување на чувството за вистинско присуство во редовите на публиката колекцијата може да се проследи почнувајќи од 31.10.2014 на веб страната на дизајнерката www.rosica-mrsik.com.

Дизајнерката, и со оваа колекција од модни парчиња што се носат од утро до вечер, им се обраќа на софистицирани жени со дефиниран моден изглед, кој е современ и  тенденциски неоптоварен. Таа ја користи уметноста во создавање на облеката, нанесувајќи на своите препознатливи форми, промени и детаљи со цел да  понуди нешто доволно ново и свежо, а да се почувствувате како дел од големата приказна на Росица Мршиќ која трае и постојано се менува.

Колекцијата е инспирирана од сензуалноста и еротицизмот во делата на De Lempicka и од модернизмот на архитектонскиот внатрешен дизајн на 60-тите. Оваа комбинација дава чиста и графичка силуета, форми изградени од меки наспроти графички линии. За потенцирање на уметничкиот ефект користени се природни текстилни материјали со Арт Деко шара во колоритна палета од силни и темни топли, како и нови, технолошки напреднати материјали.

Росица Мршиќ  ја зголемува интернационализацијата  на својот бренд преку продолжување на започнатата соработка со американската телевизиска куќа NBC во Њу Јорк, пласман на колекциите на интернационални онлајн продавници и реализација на понудите за креирање дизајнерски профил на неколку светски познати дизајнерски платформи.

Најновата колекција на Росица Мршиќ е комерцијална и е достапна во нејзиното студио,  во Виа и Лотус Дизајн Стор во City Mall Скопје, на онлајн продавницата на дизајнерката и на онлајн продавница Bastet Noir во Македонија. Колекциите на Мршиќ достапни се и на интернационални онлајн продавници: Youngrepublic, Yeloox, Etniico и Mytrnd.

Објавено:
31 октомври 2014
Категорија: 
Актуел