„Руска бајка“ со женствен „Инстинкт“

25 октомври 2013

На третата вечер од Модниот Викенд во просториите на катната гаража „Кирил и Методиј“ се претставија две дами, кои со години наназад успешно ја ткаат својата модна приказна, а оваа вечер ги претставија нивните модни визии за есен-зима 2013/14.

Вечерта ја отвори Антонија Ристевска со колекцијата насловена „Инстинкт“, инспирирана од истоимениот парфем на „Авон“.  Дизајнерката како и секогаш остана доследна на елегантниот стил, на кој овој пат му вметна динамичност и тоа преку присутноста на животинскиот дезен. Освен гламурозните фустани изработени од шифон, органза, присутните имаа можност да видат и нешто сосема ново од Антонија, а тоа се панталони и комбинезони изработени комплетно од тантела.

Кога се боите во прашање, дизајнерката си поигра со комбинација од темносина, црвена, темнотиркизна и темновиолетова со боја на сафари и кремава, што делуваше воедно и нежно, смело и префинето.

По завршувањето на ревијата, Антонија ги сподели своите впечатоци како од самото шоу така и од самата модна манифестација.

-Овој пат се одлучив за поурбана елеганција, и токму затоа и ја одбрав оваа локација во центарот на градот. Во мојата работа се трудам да опфатам модели што ќе одговараат на сите возрасти. Овој пат таргетната група беше девојка. Тука пред сè мислам на духот.  Жената ја доживувам по нејзиниот дух, независно за која возраст се работи. Се надевам дека ќе успеат да се пронајдат во моделите и по возраста, секако доколку фигурата  дозволува и духот е млад, но исто така можеби ќе се пронајдат и помладите девојки – изјави Антонија.

Нејзината ревија ја проследија голем број познати личности, колеги и пријатели. Меѓу нив беше и познатото тв лице, Миланка Рашиќ, која веќе десетина години ја познава Антонија.

-Таа секогаш внесува нешто ново и уникатно, а секогаш многу женствено и препознатливо. Самата Антонија кога ќе ја погледнете е вистинска дама. Нејзините коелкции се неверојатно софистицирани со елеганција, а сепак носат младешки дух во себе. Јас вечерва носам нејзина креација и чест ми е поради тоа. Она што посебно ми се допаѓа во нејзината работа се везовите и рачната изработка, што го покажа и вечерва – ни рече Миланка.

Во новата колекција на Ристовска уживаше и Маријана Станојковска.

-Навистина ми е драго што бев дел од оваа ревија во својство на гледач и навистина уживав во сето она што успеа Антонија да ни го презентира. Според мене, таа приреди нешто неочекувано од нејзина страна, затоа што секогаш била многу умерена во моделите, а сега инспирирана од „Инстинкт“, прикажа  една невообичаена колекција од нејзина страна, што мене многу ме израдува – сподели Маријана.

Раскошната црвена тоалета ги освои најголемиот дел од присутните, меѓу кои и пејачката Бојана Атанасовска.

Антонија Ристовска

-Ми се допаѓа тоа што ја истакнува женственоста и секогаш ѝ дава поголем акцент. Исто така, го почитувам тоа што го задржа својот стил со години наназад, не менува и не експериментира и затоа е уникатна и оригинална.

Кога се колегите во прашање, својата поддршка ја даде и Тања Кокев.

--Антонија секогаш ме воодушевува со нејзината квалитетна изработка. Мене тоа ми е исто така важно колку и естетиката на моделот. Антонија како колешка ја поддржувам во нејзината работа и во квалитетот што таа го нуди – беше искрена Кокев.

Инаку, таа се одлучи годинава да не учествува на оваа модна манифестација.

-Се решив за самостојна ревија, токму затоа што сакав да ја ставам на едно подобро, повисоко ниво. Сакам да направам подобра организација од оваа понудената, затоа што сметам дека се може подобро. Во секој случај го поддржувам Модниот Викенд и добро е што модата кај нас си доби свој настан- сподели Тања.

Антонија пак, остана доследна на претставувањето на оваа модна манифестација.

-Ако гледаме споредбено со модните недели во некоја од светските метрополи, секако дека кај нас има многу недостатоци. Меѓутоа, најважно од сè е да имаме и негуваме ваков настан. Важно е да постои модната недела, таа веќе стана традиција кај нас. Убаво е да се одржува два пати годишно и е убава можност за нас веќе етаблираните дизајнери, иако оваа година јас сум едно од ретките имиња што се појави. Секој за себе ќе си каже, но сигурно е дека сè може подобро. Сепак, за мене е предност да се учествува на модниот викенд. Мојата енергија сум ја насочувала секогаш најмногу кон подготовката на колекцијата. А модната недела како настан, многу ми го олеснува маркетиншкиот дел. Исто така, ова е убава можност за младите дизајнери – вели Антонија.

Стилисимо

А од урбаната и елегантна жена на Антонија, Цаци Паковска под етикетата Стилисимо нè пренесе во 1890 година во Русија, кај традиционалните матрјошки, кои уште еднаш беа инспирација за нашите дизајнери. Со руската музика, фризурите, боите кои потсетуваат на традицијата и културата на студената земја особено проткаени во  шарените и колоритни марами, Паковска успеа да ја раскаже својата руска бајка.

-Задоволна сум од тоа како помина ревијата. Секоја жена сака да биде убава на свој начин, а да носи едноставни модели кои истовремено ќе бидат и модерни. Русија како идеја ми се провлече од три руски трендсетерки кои во моментов се главни во целиот свет. Новите бабушки или новите модни икони се токму тие, а меѓу нив е и Улијана Сергенко, која со својот истенчен моден вкус е главната инспирација за оваа колекција за есен-зима – изјави Паковска.

Присутните можеа да видат фустани и здолништа во едноставен крој, капути во строги линии, кожените ракавици во интензивни бои, како и блузи со принт на бабушка. И додека едните уште под импресии од динамичноста на „Инстинкт“ ја видоа оваа ревија како премногу смирена и едноставна, како и тоа дека многу потсетува на она што Бурбери го презентираше за сезона есен-зима 2012, на други им се допадна руската бајка.

Своите впечатоци ги сподели и нашата манекенка со светска кариера, Катарина Ивановска.

-Тука сум вечерва затоа што со Цаци се познаваме долго. Поради бројните обврски не бев можност да ги видам нејзините претходни ревии, така што оваа е првата ревија што ја следам не само на Цаци, туку и на нашата модна недела- вели Катерина.

Стилисимо

На прашањето дали парчињата на македонските дизајнери ѝ се атрактивни за да ги носи, манекенката вели:

-Имам неколку маички од Паковска, од нашиот дизајнер кој работи во Лондон, Александар Пејовски исто така неколку модели. Имам и прекрасна тоалета од Ненад Секирарски, која воедно ја носев на премирата на филмот „Трето полувреме“ во Скопје.

Стилисимо веќе долго време се грижи за изгледот на Каролина Гочева, која не ја пропушти шансата да ја проследи и најновата колекција. Пејачката изјави дека модната приказна за Русија многу и се допаѓа, како и тоа дека може да се пронајде во некој од моделите. Не само професионално, Каролина и приватно поседува неколку парчиња од креаторката.

karolina

„Руската бајка“ ја проследи и водителката Ивана Кошка.

-Ми се допадна ревијата. Навистина успеа да ја пренесе атмосферата и топлата емоција на Русија- вели Ивана, која смета дека и покрај успешноста на прикажаните ревии, Модниот Викенд оваа година потфрли.

Впечатливи модели, поголем број на посетители од вообичаената бројка во изминативе денови, како и многу честитки до дизајнерите ја одбележаа третата вечер од модната манифестација.

Четвртата пак ќе биде во знакот на младите дизајнери, па пристутните вечерва ќе имаат можност да уживаат во ревијата на Никола Петровски, како и младите дизајнери Стефанија Насевска, Ивана Цветковска и Маријана Рујаноска.

Објавено:
25 октомври 2013
Категорија: 
Актуел