Саем на книга – Исидора Бјелица најпопуларна, Македонците најфасцинирани од трилерите

9 април 2014

Во првата мала, но харизматична хала на Скопскиот саем, вчера започнаа деновите на книгата што сѐ до 14 – ти ќе бидат вистинско уживање и бегство од реалноста за сите вљубеници во пишаниот збор.

Оваа година се чини најголемо внимание предизвика екстравагантната српска писателка Исидора Бјелица која срдечно и со неизмерна љубов вчера попладне потпиша над 300 наслови од нејзиното последно емотивно остварување „Спас“.

Денеска, имавме можност на кратко да се сретнеме со неа и да поразговараме за импресиите што таа ги има од Скопје и од македонските читатели за кои ќе каже дека се полни со љубов кон неа и кон она што таа го создава.

На штандот на издавачката куќа „Три“ нѐ дочека сосема модерна и со уникатни парчиња на себе, но широката насмевка на лицето дефинитивно беше нејзиниот најубав аксесоар.

„Реакциите во Скопје се фантастични, вчера тука ме чекаа преку 300 луѓе кои ми дадоа толку многу љубов, поддршка и јас секогаш велам дека македонската публика е посебно срдечна и секогаш прекрасна“, вели Исидора за Fashionel.

На прашањето колку беше тешко да се напише едно толку емотивно и лично четиво во кое таа ги открива и своите најдлабоки тајни, Бјелица вели:

„Кога човек пишува, не размислува дали некој тоа ќе го чита, туку пишува за себе и на крајот се шокирате од она што сте го напишале (се смее). На мојата книга немаше никакви цензури и затоа сето тоа е така брутално искрено и отворено и затоа тоа на луѓето им значи толку многу. Писателите секогаш сѐ нешто „пеглаат“, цензурираат, па јас се радувам што мојата книга доживеа толку голем успех токму поради тоа што ништо не е променето“.

Не можевме, а да не ја прашаме од каде ја црпи сета таа единствена инспирација кога станува збор за модните комбинации во кои секогаш е непогрешлива.

„Јас ја обожавам модата, модата е начин да си го направиме животот поубав и да се естетизира буквално сѐ. Јас целиот живот додека бев мала гледав фотографии од Грета Гарбо, Коко Шанел, Марлин Дитрих и едноставно, многу ја сакам елеганцијата. Мислам дека тоа е начин и во најтешките моменти да изгледаме најгламурозно. Колку ни е полошо, толку треба да изгледаме подобро и тогаш сѐ е многу полесно“, заклучува Исидора.

Од нејзината македонска издавачка куќа „Три“ велат дека таа е вистинска сензација и омилена меѓу публиката. Покрај нејзиниот „Спас“, на нивниот штанд има уште неколку други книги кои според Александар Саздов од „Три“, се задолжителни за читање.

„Со оглед на тоа што на нашиот штанд од вчера имаме ексклузивен гостин, а тоа е Исидора Бјелица, интересот е огромен и на наше задоволство се купуваат многу книги и се читаат. Интересни и продавани за оваа година се новата книга од Елиф Шафак „Чест“, покрај претходните две кои што побудија голем интерес, потоа Алан де Бутон „Огледи за љубовта“, а тука се и нашите супер ѕвезди како Марија Јаневска, Винка Саздова и Коста Петров и нивните книги. Она што јас им го препорачувам е да дојдат тука и да си ја наполнат торбата од „Три“ и да си заминат со добри книги“, вели Александар.

Она што дефинитивно не интересираше, е дали на овогодинешните штандови на Саемот на книга, љубителите на модата конечно можат да најдат и некој моден наслов.

„Во однос на модните книги, немаме конретно книги со модна содржина, но пак имаме авторки како Исидора Бјелица која што е вистинска модна икона и секогаш буди интерес со својот изглед“, велат од „Три“.

Истото ни го посочија и од Матица и од издавачкиот центар „Либрис“ од каде одговорните во замена за модните наслови, ни ги предлагаат обожаваните романи кај младите девoјки.

„Можам да кажам дека имаме нешто, но не конретно за мода, туку романи во кои на некаков начин се говори за модата“, велат од Матица, додавајќи дека и овој пат кај Македонците обожувани се трилерите и драмите со кои сакаат да се одморат од секојдневието.

Директорката на издавачкиот центар „Либрис“ Бранка Бугариска вели дека во некоја следна прилика ќе се потрудат да обезбедат светски модни наслови за сите вљубенички во модата, но и таа во замена за нашите читатели понуди романтични, женски романи.

„Немаме баш класичен моден наслов, но можеби најсоодветни би биле некои женски, поромантични романи, како „Сплеткарот Купидон“ - приказна за Св. Валентин, и дефинитивно хит романот „Вторнични жени“ што многу добро се продава и е моја искрена препорака за читателките на Fashionel“, вели Бранка. Како нивни најпродавани наслови, таа ги посочува сите актуелни автобиографии, меѓу кои и онаа на Алекс Фергусон, на Кармен Бин Ладен, но и книгите за Ники Лауда и Џејмс Хант.

Како вистинско освежување, на Саемот на книгата го сретнавме и секогаш расположениот Мартин Трпчевски или најпознат како Мартин „99“. На тотално комичен начин, тој ни раскажа дека има нова книга со наслов „Најдосадниот час“ и дека во истата е прикажан дел од негово искуство со жените.

„Во соработка со Лотос издадов книга, се вика „Најдосадниот час“. Истата сѐ уште не е пуштена во продажба, само што излезе и решивме да ја пуштиме прво на Саем на книга, а потоа ќе ја пуштиме во продажба и во другите издавачки куќи. Во книгата е прикажано дел од моето искуство со жените, сѐ она што мене ми се допаѓа и не ми се допаѓа. Тука е многу мал дел од тоа мое искуство, а книгава можам да ја опишам како мал прирачник и за мажите и за жените како треба да се однесуваат кога се заедно и кога се одвоени. Ова е моја прва книга, а спремам уште три. Мислам дека „Најдосадниот час“ ќе биде книга што многу е лесна и интересна за читање. Се работи за еден најдосаден час со една девојка што јас го имам поминато, но тука се преплетуваат и многу други девојки и мислам дека книгата ќе биде многу добро прифатена од публиката“, вели Мартин за Fashionel.

Доколку досега сѐ уште немавте време да го посетите Саемот на книгата, тоа можете да го сторите до 14 – ти месецов. Задолжително одвојте време и посетете ги сите штандови каде дефинитивно ќе најдете нешто за ваш вкус што ќе ви овозможи да се одвоите од секојдневното сивило.

Македонците и овојпат продолжуваат да се фасцинираат од светските бестселери, трилерите и секако да уживаат во биографиите, за кои сметаат дека се вистинското нешто со што уживаат да заспиваат.

Објавено:
9 април 2014
Категорија: 
Актуел