Само црномурести модели во новиот календар на Пирели

21 јули 2017

Времето кога фотографиите за најпопуларниот годишен календар на компанијата Пирели, се базираа на стереотипното прикажување на убавината, совршеното лице, сексапилот и голите тела, е минато.

Последниве неколку години темите кои преку фотографии ги раскажува овој календар, продираат до подлабока суштина и имаат своја  приказна.

За 2018 година, својата приказна ќе ја раскаже реномираниот фотограф Тим Вокер. Интересно е што тој за својот Пирели календар, во кастингот вклучи само црномурести модели – познати актери, музичари, модели, на тој начин апелирајќи за елиминирање на расните граници.

Темата преку која Вокер ќе ја прикаже својата идеја е „Алиса во земјата на чудата" што секако подразбира раскошна сценографија пресликана од некој фантастичен, паралелен универзум.

Пред неговиот фото-објектив како ликови од Земјата на чудата, ќе ги видите: Наоми Кембел, Пи Диди, Лупита Нјонго, Вупи Голдберг и многу други јавни личности од различни сфери на шоу бизнисот.

Минатата година фотографот Питер Линдберг го фотографираше календарот на Пирели во кој на црно-бели фотографии, без шминка и без постпродукција видовме дел од најпознатите холивудски актерки, во нивното природно издание.

Фото: Пирели

 

 

Објавено:
21 јули 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
318 пати