Седмото издание на „Trash Fashion“ е закажано за 5. јуни

31 мај 2018

По седми пат оваа година Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО организира Trash Fashion Macedonia 2018, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали. Натпреварот е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.

Trash Fashion Macedonia е единствен настан од ваков вид во Македонија, за кој покрај македонските медиуми, објавуваат и повеќе светски медиуми како The Telegraph, Guardian, World Fashion и Gironalettisimo.

Оваа седма година, учениците своите креации ги работат на тема „Мода од иднината“.

Прво, второ и трето место годинава ќе додели петчленото жири во состав: претставник од „Пакомак“, Ана Зафирова - новинар, Марија Мечева главен уредник на  Fashionel.mk, Марија Ивановска - Eye Cue и Александра Младеновска од ОХО.

Оваа година „Пакомак“ ќе додели и посебната награда „Trash for Art” за тимот кој искористил најмногу ПЕТ амбалажа за изработка на својот модел.

Додека трае гласањето, ќе настапи музичкиот бенд „Годо“ составен од ученици од СОУ. „Никола Карев“ – Скопје, танцов перформанс ќе изведат ученици од СОУ. „Р.Ј. Корчагин“ – Скопје, а ќе се прикажат и неколку видеа.

Пред настанот учениците ќе имаат можност да учествуваат на две едукативни работилници. Даниела Милошеска ќе ја претстави својата старт ап онлајн продавница за модни парчиња, а со модниот дизајнер Андреј Георгиевски ќе ја имаат работилницата „Од идеја до реализација“. На оваа работилница учениците ќе изработат 8 модели од реупотребливи материјали кои потоа ќе бидат изложени во холот на МКЦ.

Trash Fashion Macedonia 2018  ќе се одржи на 5 јуни 2018 од 17 ч. во МКЦ, по повод Светскиот ден на животната средина. На настанот ќе учествуваат тимови од 35 средни училишта во Македонија кои веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни.

Објавено:
31 мај 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
188 пати