„Школа за модели“ во Кариера плус со Снежана Богдановска-Сани

25 јануари 2017

Манекенството е сладок сон, но со малку тренинг и соодветна обука може да стане реалност. Со оваа идеја, Центарот за креативни курсеви, Кариера плус, на 15-ти февруари ја стартува Школата за модели под водство на доајенот на македонското манекенство Снежана Богдановска-Сани.
Времетраење на обуката е девет работни недели. Часовите се одржуваат два пати неделно и секој трае по 60 мин, а во рамките на обуката следува и професионална фотосесија со изработен едиторијал за лично портфолио.

„За прв пат кај нас, организираме „Школа за модели" oд ваков тип–место каде со единствен мултидисциплинарен пристап и повеќеслојни содржини под водство на доајенот на македонското манекенство Снежана Богдановска –Сани ќе се едуцираат и профилираат вистински професионални манекени, идни важни играчи во модната индустрија. Земање часови по моделинг ќе ви помогне да ги научите основите и да стекнете вештини неопходни да се стане успешен модел, но пред се генерално ќе ви помогне да ја зголемите сопствената самодоверба преку сигурен настап. Тоа е инвестиција во животниот стил", велат од Кариера плус.

Што ќе ви овозможат овие часови од манекенската школа?

Идејата да се биде модел бара повеќе од едноставно наметнување на облеката и позирање. Посетителите ќе ги учат техниките на моделството кои денес ги користат врвните топ модели. Часовите по моделинг овозможуваат врвна професионална обука без разлика на крајната цел.

Оваа обука на специфичен и специјализиран начин ги подготвува и упатува моделите на широк спектар на содржини: од умешен чекор на писта, позирање пред камери до знаење од историја на мода, како се избира соодветна облека, но и како се оформува целосен изглед со соодветен стајлинг, како и правилна грижа за себе, од нега, преку физичка активност до правилна исхрана.

Ја прашавме Сани, како беше поттикната оваа иницијатива?

Снежана Богдановска-Сани „Идејата за лансирање на ваков проект веројатно е жарчето кое тлее уште од времето кога интензивно и посветено се предавав на обуката на нови манекени која во меѓувреме беше занемарена на сметка на други професионални насоки. Но, токму тие професионални ангажмани изискуваа постојан допир со овој сегмент во кој се сметам нескромно копетентна да анализирам, согледувам и упатувам. Се разбира , незадоволна од третманот на наследеното кое наместо развиток низ овие години доби разводнување и покрај сите погодности и привилегии со кои во меѓувреме се здоби, го препознавам овој момент како моја должност теоријата повторно да ја преточам во пракса. Целта е да се покаже на терен, со дело, дека професионализмот е нужен во се' за кое сте се нафатиле професионално да го работите. А под професионално се подразбира она за кое добивате хонорар . За да добиете хонорар треба да си ја изработите работата добро а за тоа треба да имате дарба , умешност и знаење. Преведено во светот на моделингот тоа претпоставува повеќе од две навежбани пози", ни образложи Сани.

 

Во програмата се конципирани следните содржини:

*Обука за чекорење на модна писта
*Однесување, држење и говор на телото
*Подготовка за телевизиски аудиции, скрин тестови и кастинзи
*Здравје и емоционална добросостојба
*Практични Make-up/Beauty сесии
*Фитнес
*Здрава исхрана
*Мода и облека
*Моден дизајн
*Индивидуално насочување за подготовка на кариера на професионален модел
*Што е пожелно а што не во моделингот?
*Историја на мода
*Обука за професионален мејк ап ( како се нанесува професионална шминка од професионален мејк ап артист)
*Што се подразбира под индивидуална нега (нега на лице, тело и коса)?
*Како се движи, позира и однесува пред фотоапарат и камера.
*Основи на модна фотографија

* Професионална фотосесија со изработен едиторијал за лично портфолио.

Часовите по моделинг се раководени од професионалци во својата област со персонализирана поддршка и помош.

Работилниците се дизајнирани на начин кој му овозможува на секој учесник обука во некомпетитивна, среќна и охрабрувачка атмосфера на стекнување знаења.

Некои луѓе се едноставно родени за модниот свет..
Страста за мода е еден од најважните предуслови за успешна манекенска кариера. Учениците по моделинг не само што треба да се интересираат за мода, туку тие би морале исто така да ги живеат и дишат сите нешта во модата.

Школата за модели е прецизен вовед и сигурен пат низ лавиринтите на најубавата, но можеби најнеизвесната професија во светот.

 

Објавено:
25 јануари 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
615 пати