Што сакаше да каже Меланија со белиот костум?

1 февруари 2018

Меланија Трамп извесен период исчезна од медиумите. Тоа отсуство се толкуваше со проблеми во бракот, но првата дама на САД конечно се појави и повторно ги натера сите да гледаат само во неа.

Имено, Трамп неодамна го одржа своето прво годишно обраќање на Конгресот, кое традиционално се одржува во јануари , а Меланија и со ова појавување направи преседан. Дојде сама, со што ја прекрши долгогодишната традиција на пристигнување на претседателската двојка заедно.

Некои повторно тоа го толкуваа како последица на нивните брачни несогласувања, но првата дама посочи дека единствената причина за тоа е нејзиниот ангажман и посветување повеќе време на уважените гости.

Но, бројни коментари отидоа на сметка и на нејзиниот изглед.

Таа се појави во беспрекорна модна комбинација – бел костум со потпис на „Диор“, свилена кошула во иста нијанса од „Долче и Габана“ и салонки „Лубутан“. Демократите пак, говорот на Трамп го следеа во црна облека, а како знак за солидарност со движењето Time’s Up.

Овој нејзин моден избор се толкува на два начина.

Некои сметаат дека ова е „шлаканица“ на поранешната прва дама Хилари Клинтон, како потсетување дека е несудена жена претседател на САД. За потсетување, Хилари се појави во речиси идентична комбинација на инаугурацијата на Трамп. Костимите со панталони, во боите на американското знаме беа нејзина претпознатливост.

Од друга страна, како пренесува „Ју-Ес-Еј Тудеј“, републиканските конгресници в очи на говорот на претседателот за состојбата на Унијата, се договориле дека ќе носат облека токму во црвена, бела и сина боја, во знак на поддршка на земјата и армијата. Стајлингот на Меланија само во бела боја, некои го доживуваат како поддршка, а некои како комплетна спротивност на одлуката на Републиканците.

Но, она што можеби и најгласно се коментира е дека Меланија со овој стајлинг му „удри шлаканица“ токму на својот сопруг.

Белата боја се смета и за службена боја на движењето за женски права. За потсетување, женските претставнички на демократската партија лани на Конгресот носеа бела облека, за да оддадат чест на активистиките и подржувачите на женските права.

Од друга страна, на неодамно одржаните „Греми“ награди, 24 жени од музичката индустрија одржаа емотивен настап посветен на борбата против сексуалното злоставување врз жените, облечени исто така во бели комбинации.

Странските медиуми истакнуваат дека и тоа што креацијата е со потпис на „Диор“ воопшто не е случајно. Имено, главната дизајнерка на куќата е Марија Грација Кјури, која стои токму и зад оваа креација, а инаку, е првата жена креативен директор на „Диор“ а притоа е позната и по нејзината наклоност кон феминизмот и пораките за моќта на жените. Имајќи го сето тоа предвид, изборот на Меланија се толкува како тивка согласност и поддршка на сите жени, наспроти шовинистичките коментари на Доналд.

Меланија никогаш јавно не се огласи по повод тие обвинувања и удари на сметка на реториката на нејзиниот сопруг, но многумина мислат дека таа конечно покажа свој став и тоа на еден од најмоќните начини, оградувајќи се од оној на нејзиниот сопруг.

Постои и таа опција дека Меланија едноставно носи бел костум со панталони и тука приказната се завршува.

Без разлика на сè, Меланија знае како да привлече внимание и да ги натера сите да зборуваат за неа, дури и кога таа молчи.

Објавено:
1 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.774 пати