Симона Станковска победничка на Мис Медитеран 2015

20 јануари 2015

Минатиот викенд во градот Кирениа- Кипар, на брегот од Средоземното море, во елитниот хотел Ројал Премиум,  се одржа финалето на изборот за Мис на Медитеранот 2015 година. За најубава претставничка е прогласена  нашата манекенка и водителка Симона Станковска.  Таа го направи овој фантастичен успех во конкуренција на 20 девојки од исто толку држави од Медитеранот. Прва придружничка е претставничката на Либан,  Нура Вебе, а втора Елоди Рапозо од Франција. Во ревијалниот дел Симона се појави облечена во сензуален црвен и женствен коктел фустан од  тантела на модната куќа Елена Лука,  кој дополнително ја нагласи нејзината убавина и силуета.

„Пресреќна сум. Не е мала работа да се победи во конкуренција на медитеранската убавина. Достојно ја претставив нашата Македонија, самата себе и екипата на Модното студио Црнокрак, на кои им благодарам затоа што беа цело време со мене и ми даваа поддршка тука во Кипар“ – изјавува Симона.

Од нејзината матична модна агенција велат дека нашата претставничка била фаворит од повеќето девојки и се радосни што на крајот таа се закити со круната за Мис на Медитеранот.

- Таа навистина блескаше во текот на целиот избор и нејзиниот изглед и однесување навистина беше за пример на секое место и во секое време, на јавните настапи, снимања и фотосесии, прес-конференции, но и за време на вежбите на кореографија, посетите на културно историските и туристички знаменитости на Кипар, спонзорите и секако на финалната вечер. Тоа го забележаа членовите на жири комисијата и  ги дадоа  своите гласови на нашата Симона. Конкуренцијата беше голема, но таа уште од првиот ден се издвојуваше, заедно со убавицата од Либан која сепак гласеше за фаворит бр.1, најмногу поради фактот што доаѓа од иста земја од кај што се и организаторите. Но на финалниот исход сепак се радувавме ние. Симона за победата освен круната и лентата, доби и парична награда од организаторите, Аја продукција (Aya production) од Бејрут, Либан, како и други вредни награди од спонзорите, - информираат од Модното студио Црнокрак.

Инаку, Симона Станковска е од Скопје, има 19 години, студент е на втора година на Универзитетот за Туризам и менаџмент - Скопје и кај нас е позната уште како водителка на естрадниот магазин Бекстејџ и модел во Модното студио Црнокрак, кое ја има лиценцата за Македонија за овој избор и преку кое таа настапуваше на овој интернационален избор за убавина. Симона изминативе месеци се подготвуваше со нејзиниот личен тренер Саша Цветковски, а на Кипар се претставуваше во моделите на Елена Лука.

Ова не е прво учество и прва титула на Симона на интернационални избори за убавина. Таа беше победничка на изборот за Мис на Македонија 2013 за Мис Глоуб, истата година на Мис Глоуб освои дури 4 титули, меѓу кои најважна титулата трета придружничка. Следната година во Кина, во Санија, на островот Хајнан, на избор за модели во конкуренција на 80 претставнички од целиот свет, ја освои титулата втора придружничка ,а сега најголемиот успех го направи со победата на Кипар.

Објавено:
20 јануари 2015
Категорија: 
Актуел