Следуваат „опасни“ модни денови од Милано

19 февруари 2014

Откако се затвори Лондонската модна недела, почнува неделата за мода во уште една модна метропола, Милано. Со шоуа карактеристични по гламурот, еден од најмодерните градови во Европа ќе понуди богата програма која не била случај во претходните сесони. Станува збор за претставувањето на колекциите на едни од најреномираните имиња во модната индустрија како Џорџо Армани, Алберта Ферети, Гучи, Прада, Роберто Кавали, Москино, Ботега Венета, Емпорио Армани, Версаче, Џил Сандер, Емилио Пучи, Мисони, Дискверд и уште многу други. Возбудата допрва доаѓа за сите љубители на модата од различни краеви на светот, кои веќе резервираа неколкудневен престој во Милано.

 

Денес, распоредот е резервиран за 12 ревии меѓу кои и онаа на Гучи која ќе биде презентирана двапати. Колекции за есен-зима 2014/15 ќе бидат прикажувани се до 25-ти февруари, а по завршувањето на настанот, во месец април во Лондон ќе биде отворена голема изложба посветена на италијанската мода, со постава во музејот „Викторија и Алберт“. Следните неколку дена очекуваме исполнети први редови од најистакнатите модни уредници, фотографи,трендсетери и голем број на светски ѕвезди. Ние ќе се потрудиме да ги издвоиме најзнајчајните моменти, како прегледот на колекциите, кој од ѕвездите присуствувал и што носел, ќе „зумираме“ на деталите од писта, а ќе споделиме и улични изгледи. Бидете поблиску до Милано со тоа што ќе останете да бидете во континуитет со Fashionel.

 

Објавено:
19 февруари 2014
Категорија: 
Актуел