Слобода е....

31 август 2013

1

... да кажеш што мислиш! ... да не се плашиш; ...да бидеш свој; ... фина ствар, или бар така велат; ...да спиеш до 12; ... ти да решаваш за својот живот; се само дел од работите кои граѓаните ги напишаа на таблата поставена на улица Македонија, како улична инсталација, дел од проектот „Слободен си - изрази се!“.

Младите активисти вклучени во проектот, преку есеи, мултимедијални содржини (видео, аудио, фотографија и графички дизајн), како и кампањи ги промовираат основните демократски вредности во заедниците во кои што живеат.

Инсталацијата е инспирирана од младата американска уметница Кенди Ченг, авторка на проектот Before I Die, реплициран во голем број светски метрополи, а кај нас прикажан преку овој проект, во организација на НВО Инфоцентарпт, Младинскиот форум.

Fashionel.mk беше дел од настанот, бидејќи и модата е еден начин на изразување.

-Во Македонија демократијата и слободата на изразување се под притисок. Сакавме да ги поттикнеме младите луѓе да се активираат и да не стравуваат да го кажат тоа што го мислат. Им дадовме слобода на младите луѓе сами да креираат различни форми на изразување. Од улица Македонија, ќе се префрлиме во Старата Чаршија, па на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, ќе одиме во Тетово, Битола. Интересно е тоа што имаме луѓе што ќе пишуваат есеи, подготвуваат аудио-визуелни материјали, мали кампањи. Во Струмица пак, младите луѓе ќе прават кампања посветена на борбата против стереотипите. Правото да се биде различен и слободен. Да се облекуваш и однесуваш како што се чувствуваш и да бидеш свој. Тоа е слобода која што особено младите во помалите места се уште не ја издвојувале. Уште се борат за тоа да се облечат како што сакаат, да се чувстуваш слободен, без да бидеш стереотипизиран, нападнат, етикетиран... Многу е важно да се биде свој и слободен во секој сегмент, па и преку облеката, секако се додека не се загрозува слободата на некој друг - изјави Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот.

Од организацијата велат дека засега луѓето се уште не се чувствуаат доволно слободни да го напишат она што го мислат, но сепак, им се допаѓа како размислуваат. А, еве како ги сврзуваат и модата и слободата.

-Па, слобода е да се облечеш како сакаш, и притоа да не ти е гајле што ќе мислат и кажат другите за тебе. Многу сум среќна што конечно се случи овој проект на кој работевме шест месеци. Се надеваме дека луѓето ќе си ја отворат душата на таблата, бидејќи имаме впечаток дека се по малку срамежливи - вели една од организаторите, Сандра Камилоска.

Меѓу присутните беше и Кирил Поп Христов - Кили кој го отвори настанот. Еве како тој ја доживува модата.

4

-Модата не е слобода. Модата е догма, а догмата  не е слобода. Модата никогаш не можете да ја поврзете со слобода, освен ако не си Жан Пол Готје, па да имаш слободни потези во модата. Но, сите модни дизајнери се ограничени, иако нивната идеја е слободна, ограничени од многу други работи - средства, дизајн, дефиниран крој, па така не можеш да зборуваш за слобода. Луѓето се плашат од терминот слобода, а оваа инсталација денеска е доказ за тоа. Всушност, слободата е најголемо ропство. Тоа не можат да го сфатат. Сите бегаме од слобода, бидејќи боли. Слободен човек е изгубен човек. Тој е независен, но независноста е опасна. Сите сакаме да зависиме од нешто - љубов, пари, работа... А тоа нема врска со слобода. Јас не се чувствуам слободен и драго ми е поради тоа. Но, мојот начин на изразување е таков што овдешните луѓе не го разбираат- вели Кили.

Доколку не сте, имате уште време и места каде што можете да го кажете она што го мислите, а притоа да бидете модерни и свои.

Да бидеш свој, различен и во таа смисла слободен, е секогаш во мода.

Објавено:
31 август 2013
Категорија: 
Актуел