Со сребрени и златни чадори Барбери нѝ ја честита Новата година

30 ноември 2015

Во лобито на еден од најубавите лондонски хотели, Claridge’s, викендов беше поставена новогодишната дизајнерска елка што годинава ја направи првиот човек на модната куќа Барбери, Кристофер Бејли.

По примерот на неговите колеги Доменико Долче и Стефано Габана, како и Албер Елбаз и Џон Галијано кои имаа чест да ја направат новогодишната елка минатите години, Бејли претстави едно навистина блескаво издание.

Овој Божиќ, тој го замисли во сјајни сребрени и златни тонови пресликани во повеќе од стотина чадори поставени во форма на новогодишна елка.

Целиот проект се одвивал во доцните ноќни часови, па сите вработени и гостите во хотелот ги очекувало навистина убаво изненадување изутрината.

Гостите се одушевиле на 6 – метарската божиќна инсталација која го краси лобито на хотелот. За дополнително уживање во глетката придонеле и 77.000 светилки кои се вклучуваат на сензор, односно на секое движење на луѓето околу.

„Божиќ е моето омилено доба од годината и бев навистина почестен кога ме повикаа да го дизајнирам новогодишното дрвце годинава. Сакав тоа да ја отслика разиграноста што се случува околу празниците со ефект на типичната англиска прогноза. Исто така ни се допаѓа идејата дрвцето да „оживее“ секогаш кога некој ќе помине покрај него, внесувајќи празнична атмосфера во нивниот одмор“,  изјави Бејли. 

Објавено:
30 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.378 пати