Собрана над 1,5 тон топла зимска облека со акцијата „Сите стоплени во зима“ на Мрдни со прст

1 февруари 2018

Во рамките на иницијативата Мрдни со прст, вчера во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа голема модна ревија на 15 македонски модни дизајнери, на која јавни личности ги претставија нивните модели со користена облека. Со овој настан кулминираше акцијата „Сите стоплени во зима", во чии рамки се собра над 1,5 тон топла зимска облека за оние на кои им е најпотребна.

На модната ревија беа претставени креации на 15-те македонски модни дизајнери, кои изработија креации со користена зимска облека, на која ѝ дадоа нов лик – Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева Чупевска, Силвија Михајловска „Алшар", Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M. Ставрова „Ем Елефантски", Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска „Капка".

Нивните креации ги претставија 24 јавни личности, кои доброволно се вклучија во акцијата за да се собере што повеќе топла зимска облека, и тоа: Огнен Јанески, Јана Бурческа, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Јелена Богојевиќ, Дани Димитровска, Дарија Андовска, Леа Таки, Матеја Киселичка, Анастасија Данчевска, Јана Мишо, Сара Миленковска, Наташа Мијата, Елена Зисовска, Ана Петрушева, Сара Климовска, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Снежана Сани Богдановска, Анастасија Богдановска, Милена Атанасова, Ивана Павлаковиќ и Билјана Тануровска Ќулавковска.

Акцијата „Сите стоплени во зима" започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност" и „СОС Детско село" ќе им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна.


За жал, многу наши сограѓани се соочуваат со проблемот да немаат доволно топла облека за преку зимата. Затоа секое мало мрдање со прст за да се донира користена зимска облека што повеќе не се носи, значи многу.

Мрдни со прст е граѓанска платформа чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавањето на општествените прашања што сите нè засегнуваат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за својот индивидуален придонес, како и активно да се вклучат во адресирањето или решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст".

Објавено:
1 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
328 пати