Студент создаде градник за рана детекција на рак на дојката

9 мај 2017

Студент од Мексико доби глобална награда за претприемништво за неговиот фантастичен изум – градник за рана детекција на рак на дојките.

Откако на неговата мајка и била направена двојна масектомија кога тој имал само 13 години, Хулиан Риос Канту сакал да им помогне на сите други жени за никогаш да не се соочат со такво нешто.

Студентот од Мексико на 18 годишна возраст дизајнирал градник кој ги предупредува жените што го носат дека имаат зголемен ризик за рак на дојките благодарение на вградените сензори што ги детектираат првите знаци на болеста.

Неговиот неверојатен изум му ја донесе првата награда на Глобалниот студентски самит за претприемништво, кој се одржа неодамна во Франкфурт, Германија.

За создавањето на градникот му помогнале неколку негови пријатели во рамки на компанијата што тој ја отворил под името Higia Technologies.

Во видеото објавено од компанијата можете да погледнете како точно функционира овој градник кој менува боја и температура кога нешто ќе забележи.

Секоја промена што ќе ја забележи градникот, веднаш се испраќа до жената што го носи преку конкретна апликација.

За да се добијат корисни и точни информации, градникот треба да се носи од 60 до 90 минути во текот на денот, во времетраење од една недела.

Она на што се надева Хулиан е дека ова ќе биде одличен и многу полесен начин за рано откривање на рак на дојките.

„На мојата мајка многу доцна и беше дијагностициран рак на дојките и немаше што да се направи, освен масектомија. Таа ги изгуби двете дојки, но можеше да го изгуби и животот“, вели Хулиан.

Објавено:
9 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
521 пати